Свет 12. јануари 2020. / 18:45

Масовни антивладини протести во Тајланд

Масовни антивладини протести во Тајланд

Илјадници антивладини демонстранти учествуваа во најголемите демонстрации во последните неколку години во главнот град на Тајланд, Бангкок.

Организаторите соопштија дека 10.000 лица се регистрирале за учество во протестот „Против диктатурата“, на кој се носеа транспаренти со кои се бара оставка од премиерот кој стоеше зад државниот удар од 2014 година.

Приврзаниците на владата, пак, одржаа свој контра собир во парк во центарот на градот.

Лошите економски резултати на владата долеваат масло врз растечкото чуство на незадоволство, а иницијална каписла за денешниот протестен митинг беа потезите на судовите насочени против популарната, нова напредна политичка партија „Иднина напред“.

Партијата што ја предводи милијаредерот Танаторн Јуангругруангкит, се појави на политичката сцена речиси одеднаш и веднаш стана трета најголема партија во парламентот со 80 освоени мандати.

Оваа партија привлече многу млади луѓе со своите анти-воени ставови, спротивни на конзервативната владејачка елита.

Растот на популарноста на партијата, меѓутоа, беше дочекан со судски процеси, преку Изборната комисија и Уставниот суд, заради наводни серија кршења на законот.

Многумина сега претпоставуваат дека партијата ќе биде прогласена за виновна и распуштена, можеби уште овој месец.