Неединството на НАТО се покажа во потполност на денот на отворањето на самитот на Алијансата во Лондон минатата недела, а напнатост се почувствува помеѓу Франција и Турција, во врска со купувањето на руско оружје.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја обвини Турција дека соработува со Исламска држава и праша како е можно да биде член на НАТО сојузот и да купи руски систем за противвоздушна одбрана С-400.
– Технички тоа е невозможно, изјави Макрон, пренесува „Гардијан“.
Макрон, како и челниците на повеќето држави членки на НАТО, сметаат дека рускиот одбранбен систем внатре во НАТО ќе ја изложи воената опрема, вклучително борбените авиони Ф-35, на руските разузнавачки служби.
На прашањето на новинарите дали САД ќе ја санкционира Турција заради купувањето на С-400 како што бара американскиот Конгрес, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека го разгледува тоа прашање.
Тој потоа изјави, како што наведува весникот, дека не е точно дека Турција била приморана да купи С-400 бидејќи неговиот претходник во Белата куќа, Барак Обама одбил да и дозволи на Турција да го купи американскиот систем за одбрана Патриот.
Турција за време на подолг период многу сакала да го купи системот Патриот, изјави Трамп, но Обама не сакал да им го продаде. Поточно, администрацијата на Обама на Турција во повеќе наврати и нудела наоружување, но Ердоган тоа го одбивал бидејќи договорот не ја вклучувал основната технологија на Патриот, наведува весникот.
Откако Трамп ги бранеше турските позиции, Макрон интервенираше.
– Тоа е нивна одлука, рече францускиот претседател, додавајќи дека и Европа му понудила на Ердоган да му продаде систем за противвоздушна одбрана.
– Дури и кога имаа европска опција, која во потполност е во склад со НАТО, тие одлучија да не бидат во склад со НАТО, изјави Макрон.