Свет 16. мај 2018. / 13:17

Индонезија: Еден мртов и тројца повредени во напад со самурајски мечови

Индонезија: Еден мртов и тројца повредени во напад со самурајски мечови

Четворица напаѓачи вооружени со самурајски мечови утрово извршија напад на полициска станица во западна Индонезија, при што убија еден полицаец.

Напаѓачите со комбе влетале во станицата во Риау на островот Суматра и почнале да ги напаѓаат полицајците, рече портпаролот на полицијата Сетјо Васисто. Двајца полицајци и еден новинар се повредени во нападот.

Полицијата пукала во четворицата осомничени за тероризам и ги убила на лице место.

Возачот на комбето се обидел да побегне од местото на инцидентот, при што удрил во еден полицаец, усмртувајќи го.

Тој подоцна бил најден и приведен, а полицијата недалеку го нашла и комбето и го претресува за експлозиви.

Ова е најновиот во низата напади во Индонезија во последно време. Во неделата радикализирано семејство изврши три самоубиствени бомбашки напади на три христијански цркви на Источна Јава, во кои загинаа десет лица, а 40 беа повредени.

Подоцна истиот ден во експлозија загинаа мајка и нејзината малолетна ќерка во станбен комплекс, а таткото кој го детонирал експлозивот беше убиен од полицијата.