Ирската комисија за заштита на податоци започна истрага околу последниот скандал што го потресе Фејсбук во кој беа загрозени податоците на речиси 50 милиони корисници.
„Истрагата ќе провери колку Фејсбук се придржува до обврските пропишани со Регулативата за општа заштита на податоците (БДПР) за спроведување на соодветни технички и организациски мерки за да се обезбеди сигурноста и заштитата на личните податоци кои ги обработува“, во средата изјави Ирската комесарка за заштита на податоци.
Минатата недела од компанијата објавија дека пронашле грешка во својот код, што на хакерите им овозможило да пристапат до податоците на речиси 50 милиони луѓе. Според БДПР, секоја компанија која нема да направи доволно за да спречи упад во нејзиниот систем на податоци може да биде парично казнета.
Максималната казна која може да му биде изречена на Фејсбук е 4 проценти од годишниот приход, односно 1,63 милијарди долари според минатогодишната заработувачка на компанијата која изнесува 40,65 милијарди.