Скопје

Жителите на Аеродром ќе протестираат против изградба на деветкатница кај „Мајчин дом“

Жителите на Аеродром ќе протестираат против изградба на деветкатница кај „Мајчин дом“

Жителите на Аеродром кои реагираа за градбата на деветкатницата кај „Мајчин дом“, утре во 18 часот ќе излезат на протест. За овој објект жителите на Аеродром алармираа дека ќе направи еколошка катастрофа бидејќи се гради на зелена површина, а за да се изгради, пак, паркинг за зградата, урбанистичкиот план предвидува сеча на дрворед и ново уништување на зеленилото, објави А1он.

„Аеродромците ќе играат серва пред општината бидејќи не остана зеленило каде да се рекреираат“, пишуваат на социјалните мрежи организаторите на протестот кој ќе се одржи кај маалското игралиште.

Градежни работници со лимени тараби ја оградија парцелата за изградба на деветкатница кај „Мајчин дом“.

Стопирањето токму на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во изборната кампања на сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тој како опозиционер што се бори за градоначалничка функција, на претходниот градоначалник му предлагаше решенија, како обесштетување на сопствениците на земјиштето со пари или компензација со земјиште на друга локација за да го заштити просторот од дополнително градење и да ги послуша граѓаните. Кога стана градоначалник, не само што самиот не ги премиени советите што му ги даваше на претходникот туку го смени и мислењето и во неколку наврати се оправдуваше дека не може ништо да преземе за да ја спречи градбата.

Вчера, Општина Аеродром соопшти дека ги разгледала сите можни правни механизми за спречување на градбата реагирајќи на објавата на Дејан Митевски од ВМРО-ДПМНЕ дека градоначалникот Марин за време на кампањата за референдумот издал одобрение за градење на објектот.