Ништо од ветувањето на градоначалникот Златко Марин за јавна дебата со жителите на Мичурин кои пред неполн месец протестираа против изградба на градинка на единственото отворено спортско игралиште во оваа населба.
На денешната седница на советот на општината Аеродром, советниците на СДСМ го одбија предлогот на нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за организирање на јавната дебата со која требаше да се утврди заеднички прифатлива локација за изградба на градинка.
– Како советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата апелираме да се најде решение за локација за нова градинка во Мичурин и истата во најкраток рок да биде изградена, порача Пане Антовски координатор на советничката група.
Дополнително, додаваат дека една од точките на дневниот ред била давање на согласност на здружение на граѓани „Студент“ академија да го користи името на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром, што во целост се совпаѓа со актуелниот клуб, со што, како што велат од советничката група, се отвора сомнеж за евентуални злоупотреби на брендот МЗТ Скопје Аеродром.
– Сето ова овозможено од Марин и советниците на СДСМ. Наместо да се занимаваат со реалните проблеми на аеродромци, првенствено аерозагадувањето како најголем и најсериозен проблем, градоначалникот си тера бизнис интереси на сметка на општината, изјави советникот Антовски.
Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата потсетија на неисполнетите ветувањата на градоначалникот Марин, едно од нив, за гасификација на Аеродром за кои рекоа дека не само што нема ништо од тоа, туку секојдневно Аеродром станува позагаден, а градоначалникот ништо не презема во врска со тоа.