Пред Споменикот на жртвите од скопскиот земјотрес во 1963, на градските гробишта во Бутел, претпладнево беше оддадена почит и положено цвеќе од делегации на Владата, Собранието, Град Скопје, организациии, здруженија и поединци.
Градоначаникот на Скопје Петре Шилегов изјави дека природната катастрофа на овој ден пред 57 години одзеде 1073 животи и урна повеќе од 80 проценти од тогашниот станбен блок на главниот град, но во исто време, оваа несреќа ја покажала големината на хуманоста и човечноста од 87 држави од светот и од тогашните шест социјалистички републики од Југославија.
Во многу краток рок тие помогнаа, најпрово со давање хуманитарна помош на граѓаните на Скопје, а потоа успеаја и да го издигнат овој град од пепелта – изјави Шилегов.
И Скопје никнува како феникс и е симбол на една голема светска солидарност, што веројатно се нема случено во историјата на современата цивилизација. Тоа за нас претставува обврска кон тие држави и обврска кон останатиот свет и затоа секогаш кога се случуваат несреќи, градот Скопје излегува во пресрет – истакна скопскиот градоначалник.
Шилегов истакна дека посакува поголема подготвеност за во иднина зашто природните катастрофи не може да се предвидат, посочувајќи на пандемијата со која сега се соочуваме.
Посакувам она што на Скопје му се има случено да не се случи никаде во светот, а најмалку во нашиот град. Мора да го сакаме Скопје, затоа што Скопје е нашата голема заедничка куќа, нашиот дом, Скопје е еден непокор, една љубов која сме должни како негови граѓани да ја чувствваме кон нашиот град – додаде Шилегов.
Според него, ширењето на градбите во Скопје нема влијане врз подземните тектонски поместувања кои се карактеристични за Скопската Котлина. Тој посочи дека објектите изградени по 1963 година, како што истакна „барем оние фундаменталните проекти и оние што Градот ги работи“, се должни да бидат сеизмолошки испитани и одобрени.
Верувам дека во добар дел стандардите за градба пропишани по земјотресот се почитуваат, барем оние објекти кои се легално влезени во постапка на градба може да гарантираат сигурност за да не се повтори таква катаклизма како во 1963 година – изјави Шилегов.
Од силниот земјотрес со јачина од 6.1 степени според Рихтровата скала на 26 јули 1963 во 5.17 часот, животот го загубија 1070 луѓе, а 3000 беа повредени. Беа урнати 15.800, а оштетени 28 000 куќи и станови. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.
Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Светот беше ангажиран и по апелот на Меѓународниот Црвен крст и Скопје стана град на меѓународна солидарност.