Комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ, преку фејсбук објава реагира на насобраниот отпад во и околу контејнерите по викенд-карантинот. Утринава во повеќе делови на Скопје може да се забележат преполни контејнери и неисчистен отпад од страна на комуналните служби.
Претходно, минатата недела директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани реагираше дека претпријатието нема дозвола од Министерството за информатичко општество и администрација да работи за време на полицискиот час.
-Сега е многу потешко да организираме цела механизација да излезе од база и да се врати до 16 часот. Поради лимитираното време, одлучивме ѓубрето од индивидуалните домаќинства наместо два пати да се подигнува еднаш неделно, рече во четвртокот директорот на „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.
Од комисијата за урбанизам на ВМРО-ДПМНЕ како директен виновник го посочуваат градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кого го прашуваат дали вака СДСМ се бори против Ковид-19, со нечистотија?
–Мандатот на Петре Шилегов полека се движи кон самиот крај. Ако нешто остави печат за Петре Шилегов тоа е Скопје најпрљаво откако го помнат скопјани. На фотографиите се слики од повеќе скопски општини. Истиве слики се доказ за зимскиот сон во кој е западнат Шилегов. Овие глетки се срам за главниот град. Неработници како Петре Шилегов и СДСМ не заслужуваат поддршка од граѓаните. Никогаш повеќе!, реагираат од Комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ.