Скопје 26. септември 2019. / 20:10

Град Скопје ја продава барокната Градска куќа

Град Скопје ја продава барокната Градска куќа

Советот на Град Скопје донесе одлука за продажба на барокната Градска куќа на кејот на реката Вардар.

Денешнава седница ја отвораме со оваа точка затоа што во меѓувреме успеавме да го завршиме објектот којшто беше започнат можеби пред една декада. Објектот којшто е изграден од Градот, откако е дојдено новото раководство на градската администрација, во неговото завршување имаме вложено 3,2 милиони евра. Ова докажува дека ниту имало намера, ниту тенденција да не се заврши неговата изградба – изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој додаде дека се правени напори објектот да се стави во функција, но по сите направени анализи за капацитетот на изградениот објект е заклучено дека само три петтини од вкупниот број на вработени во градската администрација би можеле да се сместат во него, односно само 352 вработени.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ жестоко реагираше на ваква одлука и вели дека се работи за „бомбона бизнис“ на Шилегов. Советниците од опозицијата, кои ја напуштија денешната седница на Советот, велат дека се ова лаги за јавноста на градоначалникот Шилегов кој сака „на шверцерски начин да отуѓи нова, за стара градба“.

Не сум ја лажел јавноста дека Градската куќа нема да се продава. Изјавите на ВМРО-ДПМНЕ се лаги и зло, наместо да креираат конструктивна политика – возврати Шилегов.

Според него, се работи за обид да се продаде Градската куќа зашто објектот е граден како мртвороденче, за кое се знаело дека нема да ја собере целата администрација на Скопје

Исто така, тој посочи и дека е крајно нефункционална внатрешноста на објектот заради неговата форма.

Локацијата на градската куќа за мене е многу несреќно избрана, бидејќи народски кажано таа е отпад и тргната е на страна од главната градска инфраструктура, а за да дојдете до неа имате слаба конекција со јавниот транспорт. И мислам дека градската куќа треба да се наоѓа на многу посоодветна локација како што и го личи главниот град и како што е стандард секаде во светот – истакна Шилегов.

Тој изрази жалење што советниците од опозицијата ја напуштиле седницата и не можеле да ја чујат неговата идеја да се формира комисија во која би членувале советници, односно да бидат вклучени сите како Совет. Таа комисија да биде задолжена за продажбата, но и за евентуалното купување на некој друг објект на многу посоодветна и подостапна локација за граѓаните на Скопје.

Сепак, би сакал да имаме надзор од Советот во целиов процес, бидејќи сакаме тој да биде јавен и транспарентен затоа што немаме што да криеме. Продажбата ќе оди со аукција, преку системот на ЗЕЛС и ќе биде видлива за сите – рече Шилегов.