Скопје 29. јули 2020. / 12:16

Барање до Град Скопје: Болничкиот паркинг мора да биде бесплатен за сите

Барање до Град Скопје: Болничкиот паркинг мора да биде бесплатен за сите

Советничката при Град Скопје, Драгана Велковска, преку отворено писмо бара да се повлече точката од дневниот ред на 53-тата седница на градскиот Совет со која се предлага за 60% зголемување на цената на болничкиот паркинг.

Според неа, недозволиво е болнички паркинг да се наплаќа. Таа смета дека болничкиот паркинг мора да биде бесплатен за сите – и за вработените и за пациентите и за нивните блиски бидејќи како што вели, здравјето е основно човеково право.

 

Недозволиво е во ек на пандемија да се злоупотребува ситуацијата во која поголем број луѓе ќе бидат принудени да го користат паркингот на болницата и на тој начин со умисла да се профитира од туѓата несреќа.

Имајќи предвид дека во болница луѓето не одат од задоволство, туку од мака и имајќи предвид дека болните најчесто не може да се донесат до болница на велосипед или со јавен превоз, а такси е надвор од финансиските можности на многу наши сограѓани со оглед на енормната стапка на сиромаштијата, барам одлуката да биде повлечена од предлагачот. Понатаму, од Управниот одбор на ЈП „Градски паркинг“ барам да усвои одлука со која ќе се обезбеди бесплатно паркирање на сите болнички паркинзи и за медицинскиот персонал и за пациентите и за нивните блиски, вели таа во своето барање упатено до надлежните.

 

Според Велковска, Градот треба да носи солидарни и хумани одлуки со кои на жителите ќе им покаже дека стои до нив, а не наспроти нив, забележува таа.