Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема намера да ги поттикнува Србите од Македонија да гласаат, да не гласаат, или пак како да гласаат на референдумот на 30 септември за прифаќање на договорот од Преспа.
Тој додаде дека не сака да се меша во внатрешните работи на други држави и дека му дава поддршка на се што води кон стабилност во регионот.
– Немам право некого да повикувам или да не повикувам да прави нешто, тоа би било нефер. Се што придонесува за регионалната стабилност е од значење за цел регион – рече Вучиќ, запрашан од новинарите дали ќе ја повика српската заедница од Македонија да учествува на референдумот и позитивно да се изјасни.
Вучиќ денеска се сретна со македонскиот премиер Зоран Заев на српско-македонската граница на која во иднина ќе има само едно застанување.
Вучиќ додаде дека Белград и СКопје може само да имаат тактички спорови, но дека двете земји остануваат пријателски и дека заедно со Заев ќе разговараат и за белградскиот договор со Приштина.