Регион 01. јуни 2018. / 11:43

Во Албанија регистрирани 23 парцели со марихуана

Во Албанија регистрирани 23 парцели со марихуана

Албанската полиција соопшти дека оваа година во земјата се регистрирани 23 парцели заседени со марихуана. Евидентирањето на парцелите е извршено во текот на мај со хеликоптери на албанското МВР со поддршка на италијанската полиција.

Директорот на Управата за јавен ред и мир и јавна безбедност, Ѓовалин Лека, изјави дека во споредба со минатата година бројот на засадените парцели е многу помал, односно дури 53 парцели помалку. Албанската полиција во соработка со италијанската полиција во првите пет месеца од годинава откри и заплени големи количини дрога од типот канабис сативас. Најголемата количина дрога запленета оваа година е на 2 мај кога беа откриени 2,4 тони дрога вредна над 2о милиони евра во акцијата која беше реализирана во Јадранското Море во близина на италијанското крајбрежје.

Вкупната количина што била откриена и запленета во периодот јануари – мај годинава е 5 тони, без да се земат предвид помалите количини дрога фатени во земјата, како и на граничните премини кон Црна Гора и Грција, изјави претставникот на албанското МВР.

Албанските медиуми нагласуваат дека и покрај тоа што во земјата има намалување на бројот на засадени парцели со марихуана, како и намалување на шверцот со дрогата од типот канабис сатавас, меѓународниот фактор бара од официјална Тирана и понатаму зголемени активности околу стопирање на производството и шверцот со дрога во Албанија. Во бројните реагирања на странските дипломати, меѓу условите кои се зададени на албанската влада за почеток на преговорите е и борбата против производството и шверцот со дрога.