Регион 19. декември 2019. / 12:19

(ВИДЕО) Донаторската конференција на ЕУ за штетите од земјотресот во Албанија

(ВИДЕО) Донаторската конференција на ЕУ за штетите од земјотресот во Албанија

Албанија и Комисијата на Европската унија ги почнаа подготовките за одржување на донаторската конференција за обнова на областите погодени од разорниот земјотрес, што ја погоди земјата на 26 ноември.

Во функција на конфернцијата, која ќе се одржи следниот месец во Тирана, албанскиот премиер Еди Рама во Рим се сретна со комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархелји.

Потврдувајќи го одржувањето на конференцијата, комесарот Верхелји на средбата ја повторил решеноста на ЕУ да ги отвори пристапните преговори со Албанија.

– Имавме добар разговор со Еди Рама во Рим, каде ја потврдивме препораката на ЕК за отворање преговори со Албанија. Важно е реформите да продолжат. По земјотресот што ја погоди земјата минатиот месец, ЕУ подготвува донаторска конференција за следната година – напиша Унгарецот на Твитер по средбата.


Претходно, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека Советот на Европа донел одлука донаторската конференција за настраданите во земјотресот во Албанија да се одржи во Тирана на почетокот или во средината на јануари и оти одржувањето на конференцијата го поддржале сите земји членки.

Европската Комисија одлучи да даде 15 милиони евра за Албанија за санирање на штетите од земјотресот.

Инаку, на 8 декември албанскиот премиер Еди Рама престојуваше во Истанбул, Турција, на донаторска конференција, каде турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги свика земјите-членки на Организацијата на исламската конференција за помош на Албанија.