Регион 09. јули 2019. / 17:09

Борисов: Дачиќ да ми се извини пред медиуми

Борисов: Дачиќ да ми се извини пред медиуми

Бугарскиот премиер Бојко Борисов побара јавно извинување од министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ.

– Сакам Ивица Дачиќ да ми се извини јавно, сега ќе разберат што е прифатливо, а што не е. – рече Борисов во врска со коментарите на српскиот дипломат, објави БГНЕС.

Тој додаде дека на бугарскиот амбасадор во Србија му било кажувано дека неговото однесување било неприфаливо.

– Вчера си дозволи да го повика нашиот амбасадор и да му каже дека моето однесување е неприфатливо. Дачиќ сега ќе види што е неприфатливо однесување. Тој сега ќе види … До вчера зборував со најдобри зборови, но откако си го дозволи тоа, се додека не ми се извини на мене, не ме интересира што ќе кажат ниту Александар Вучиќ ниту Ана Брнабиќ. –  вели Борисов.

Тој откри дека Дачиќ се извинил вчера, но не јавно.

– Четири пати вчера, се извинувам, но тој не сака да го каже тоа пред медиумите. – рече Борисов.

Агенцијата потсетува дека поранешниот портпарол на Слободан Милошевиќ и сегашниот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, упати остри критики кон Бугарија по повод изјавата на бугарскиот премиер на самитот во Берлин на Западен Балкан во петокот, откако Борисов рече дека идниот лидер на европската дипломатија, Жозеп Борел, треба да ја изрази позицијата на целата Унија, а не на неговата родна Шпанија во врска со Косово.