По повод одлуката на властите во Приштина да воведат царини од 100 проценти на производите од Србија и Босна и Херцеговина, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, попладнево во Белград се сретна со амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија – Сем Фабрици, Кајл Скaт, Денис Киф, Томас Шиба, Федерико Мондолони и Карл Ло Кош.
-Овој потег на Косово доведе до тоа Договорот за слободна трговија на земјите од Западен Балкан веќе да не постои- е првата реакција на Расим Љајиќ, министер за трговија и заменик-премиер на Србија.
Љајиќ рече дека државата Србија ќе се обрати до институциите во Брисел, „кои навистина имаат обврска да реагираат на овие драстични мерки“.
-Ние и досега имавме ситуации кога се слушаа повремени реакции и осуди од Брисел и Вашингтон и од други институции, но немаше практични чекори овие претходни мерки да бидат повлечени. Ако сега не се реагира на оваа целосна блокада на трговијата, бидејќи поинаку не можеме да го наречеме ова, тогаш не знам што треба да се случи за некој да биде казнет поради ова што се случува- рече Љајиќ.
Реакција на одлуката на Косово стигна и од БиХ. Претседателот на Надворешнотрговската комора на БиХ, Немања Васиќ, смета дека одлуката е политичка.
-Ова е реакција на она што се случуваше околу Интерпол. На потег е Европската комисија. Косово не може долго да го држи ова бидејќи себеси ќе се исклучи од сите европски текови. Се плашам дека ќе останат изолирани, бидејќи сепак ЦЕФТА-земјите прифатија да го применуваат и да го штитат овој договор за слободна трговија, бидејќи тоа е пазар од 30 милиони- рече тој.
Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, попладнево побара од Приштина веднаш да ја укине одлуката за зголемување на давачките на стоките од Србија, истакнувајќи дека оваа мерка претставува кршење како на ЦЕФТА, така и на Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Косово.