Имаат ли претседателот Стево Пендаровски и екс-премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, различни ставови во толкувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија?
Ова прашање и дилема произлегува по дополнителните услови, што Бугарија успеа да ги наметне за почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, поврзани со именувањето и употребата на македонскиот јазик, припадноста на историски значајни личности за Македонија и објавувањето на имињата на припадниците на некогашната тајна полиција, коипридонеле во пресметката со македонските граѓани, кои се чувствуваат како македонски Бугари или само Бугари.
Предраг ДИМИТРОВСКИ
Сега на виделина излегува дека, всушност, македонскиот врв не знае ни што потпишал со Договорот за добрососедство, кој без никакви дилеми треба да се почитува и исполни. А, за тоа потврдуваат последните изјави во кои се препознава дека терминот „заедничката историја“ станува товар на македонската позиција. Дотолку повеќе што и терминот „споделена историја“ и терминот „заедничка историја“ станаа камен на сопнување и во работата на мешовитата комисија за прашања од историјата и за учебниците. Бугарските историчари инсистираат токму на „заедничката историја“ од каде ја црпат цврстината на своите позиции, а за нашите, пак, таа, „заедничката историја“, може да се разбере само за време кога Бугарија била државно или административно поврзана со овие простори.
Во своето последно гостување во емисијата 360 степени, претседателот Пендаровски настапи со позиции, што се прифатливи за сензитивното македонско уво. Па, меѓу другото, парафразирано, ќе рече дека не ни треба ЕУ ако нашиот јазик не биде македонски и ако не можеме да бидеме Македонци.
А, во контекст на Договорот за добрососедство изјави:
-Клучниот израз употребен во тој билатерален документ е споделена историја, не заедничка историја во која вие ќе кажете дека до 44-та било се бугарско и ти само треба да потпишеш, него личности и настани и не сите до 44, него некои од нив, некои настани и некои луѓе, кои се битни и за тебе и за мене, и за Бугарија и за Македонија. Во тоа е изразот споделена историја, тебе ти е битен и мене ми е битен и затоа го изучуваме и затоа го почитуваме. И затоа во одредени ситуации договараме и заеднички да го чествуваме, како Кирил и Методи. Ако ви текнува и порано, уште пред да биде комисијата да работи, имаше и бугарска делегација и македонска делегација одеше во Ватикан итн. Ако се потпреме на тој израз, кој е составен дел на билатералниот договор, ние многу бргу ќе најдеме заедничко решение. Во спротивно, ако инсистираме дека до 44-та е заедничка историја или читај бугарска историја само, немаме за што да преговараме.
И добро ќе беше да е така. Зашто, за жал, во Договорот, во ставот 9 од, ако така може да се каже, преамбулата буквално стои: „Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи“.

Од друга страна, пак, Заев воопшто не споменува ни „заедничката историја“ ни „споделена историја“. За него е приоритетна дневно-политичката пресметка со опозициските опоненти, па се обидува целата вина за новонастанатата ситуација да ја префрли на нивни грб и притоа како да не обрнува внимание на државните и националните интереси. Да биде иронијата поголема, опозицијата не го отвори прашањето со македонскиот јазик во заклучоците на ЕУ, туку медиум!? И тој ли е со „националистички побуди“ или со „желба за власт, правење повторно драми“?!

Според настапот во „Утрински брифинг“, за Заев отворањето на прашањето со Бугарија и за македонскиот јазик е за политички цели.
– Ова прашање од националистички побуди повторно е извлечено на површина. Уште еднаш да напоменам дека македонскиот јазик никаде не е спорен, македонскиот јазик е впишан во Обединетите нации, тој е признаен од сите, тој е нашиот идентитет. Повторно да се отвора ова прашање е навистина од желба за власт, од желба за политички поени, правење повторно драми или слично, рече екс-премиерот.
И тука нема разлика во размислувањата и убедувањата, зашто тоа се факти. Меѓутоа, сега излегува дека тие факти не се доволни за задоволување на апетитите на Бугарија, па веќе и на ЕУ.
А, во делот на Договорот, Заев ќе рече дека тој мора да се спроведе.
-Не би бил чесен ако не кажам дека низ поглавјата, низ преговорите ние мора да го заокружиме и решиме Договорот со Бугарија, односно да ги имплементираме сите негови ставки, како што треба да го имплементираме и договорот од Преспа. Двете страни сме презеле обврска и тие договори се за стратешко партнерство, пријателство и во полза на двете страни е да се реализираат самите договори. Од нив ќе излезе благодат за двете страни и што и да се договара низ преговорите, мора да има задоволство на двете страни, двете страни да бидат среќни, изјави тој.
Во гостувањето на Телевизија 24, Заев ќе изјави, меѓу другото, дека дефинитивно бугарска позиција е да продолжи решавањето на историските прашања.
-Најдовме решение за цар Самоил, за Кирил и Методиј, Климент, Наум,… Ќе најдеме решение и за Гоце Делчев. Треба да знаат граѓаните дека решението е победничко за двете страни. Само тогаш имаме договор и решение. Кога опозицијата го отвора ова прашање, нормално е бугарската страна да се брани. Прашањето е, зошто опозицијата го отвора? Зашто доаѓаат избори. Повторно игра на картата на национализмот и на она на што значи популизам, порача Заев.
Следејќи го размислувањето на екс-премиерот се поставува прашањето дали и претседателот Пендаровски сега игра на картата на национализам и она што значи популизам? Дали тоа значи дека Пендаровски и Заев имаат различни ставови околу натамошниот тек на работата на мешовитата комисија?
Зашто, како поинаку да се сфати пораката на Пендаровски кога вели дека ако бугарската страна инсистира дека до 44-та е заедничка историја или читај бугарска историја само, немаме за што да преговараме, а од друга страна Заев тврди дека ќе најдеме решение и за Гоце Делчев победничко за двете страни.
На крајот, од што ќе произлезе тоа победничко решение за двете страни-од „заедничката историја“ или од „споделена историја“. За Пендаровски тоа не е безначајно, а за Заев останува огромна дилема, а веројатно ни самиот не знае ни што потпишал, ни што значат самите термини.