Македонија,Регион 05. ноември 2020. / 10:04

Захариева потврди: Бугарија нема да и каже „ДА“ на Македонија за ЕУ!

Захариева потврди: Бугарија нема да и каже „ДА“ на Македонија за ЕУ!

Министерката за надворешни работи на Р. Бугарија, Екатерина Захариева, на интервју за „БТВ“ само ги потврди нашите стравови.

– Ја изразивме нашата позиција многу јасно. Тоа е видливо и во јавноста. Уште минатата година, владата достави декларација до парламентот, која беше поддржана од сите партии. Значи, нашиот став за Македонија не е нов, како што тврдат некои. Мислам дека сите сме обединети на оваа тема. Во моментов, Бугарија не е во можност да ја одобри рамката за преговори со Македонија. Постои Договор за пријателство и добрососедство, кој беше потпишан во 2017 година и ратификуван во 2018 година, но тој не се спроведува. – истакна Захариева.

Таа напомена дека интересот на Бугарија се уште е компатибилен со нашиот европски сон и дека тие би сакале да ги видат сите земји од Западен Балкан како членки на Европската Унија еден ден.

Наводно, проблемот во целиот овој спор не била само историјата, туку и многу други работи:

– Не не загрижува само историјата, туку и говорот на омраза. Непризнавањето на историската вистина доведува до доста сериозни проблеми во односите меѓу двете земји. Кабинетот е обединет по прашањето за Македонија, јас сум во постојан контакт со премиерот Бојко Борисов. Какви било шпекулации дека некој ќе промени нешто во последен момент се невистинити.

Според неа, Македонија нема намера да го испочитува договорот потпишан во 2017-та и постојано бара начини за заобиколување на истиот. Додаде дека бугарско малцинство во Македонија не може да има, бидејќи тоа би било навреда кон сите историски личности кои се бореле на обединување на деловите на Бугарија.

– Ние не сакаме бугарско малцинство во Македонија, затоа што тоа значи признавање на делото на оние кои работеа 75 години за уништување на бугарската самосвест на тамошното население, за нејзино бришење. Таму мора да се создадат услови за луѓето што го прогласуваат својот бугарски идентитет во Македонија да не бидат дискриминирани и слободно да можат да се изјаснат за тоа што се. Сè уште не сме се согласиле за сите прашања за да кажеме „да“. Премиерот Борисов исто така и’ објасни на канцеларката Ангела Меркел дека напредокот кој е постигна, не е доволен – рече Захариева.

Во врска со компромисот кој е постигнат од страна на комисијата за решавање на историските спорови помеѓу нашите две земји, Захариева потврди дека тоа е недоволно и дека истите немаат стигнато до македонските учебници, а уште помалку до свеста на македонското општество.