Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, вели дека биле принудени да ја блокираат преговарачката рамка затоа што земјава не го ценела пријателството од бугарска страна, пренесува порталот „Фактор.бг“.
„Ние сме многу посветени на добрососедските односи, како едни со други во ЕУ, така и со земјите од Западен Балкан. За жал, Република Северна Македонија не ги ценеше нашите пријателски и добронамерни активности и ги игнорираше нашите предупредувања за непочитување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“, вели Захариева.
Поради овој факт, тврди таа, била блокадата за преговарачката рамка, меѓутоа изразува надеж за решение.
– Сепак, имаме надеж, остануваме конструктивни и отворени за дијалог дека заедно со нашите колеги од Скопје ќе најдеме излез од оваа ситуација, додаде бугарската министерка.
Според неа, наоѓањето решение ќе биде полесно откако ќе се смират емоциите и ќе се намали говорот на омраза кон Бугарија кој смета дека во последните неколку месеци е на невидено високо ниво.
– 2020 година е една од најтешките со која се соочи човештвото и се надевам дека ни даде важна лекција дека довербата, солидарноста и пријателството се темелот врз кој мора да ги градиме нашите односи, а ние сме толку поврзани меѓусебе што не можеме да ги надминеме тешките предизвици без тесна соработка“, порача Захариева.
Шефицата на бугарската дипломатија уште еднаш повторува дека нејзината земја е еден од најсилните поддржувачи на европската интеграција на Западен Балкан, но и оти таа поддршка никогаш не била безрезервна. Земјите од регионот, според неа, мора да вложат максимални напори за да се приближат до европските вредности.