Македонија 02. октомври 2020. / 16:13

Заев за барањата на Бугарија: Ќе бидеме внимателни во одговорите за решавање на прашањето за Гоце Делчев и за јазикот

Заев за барањата на Бугарија: Ќе бидеме внимателни во одговорите за решавање на прашањето за Гоце Делчев и за јазикот

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција изјави дека ќе биде внимателен во одговорите на барањата на Бугарија за решавање на прашањето за Гоце Делчев и за јазикот, бидејќи треба да се постигне решение што ќе носи придобивки на двете страни и ќе биде за благосостојба на двете земји.

„Гаранцијата на идентитетските прашања се потврдени со Договорот за добрососедство со Бугарија, а тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ. Јас верувам дека сите тие документи, коментари кои излегуваат се само желба за решавање на ова четврто историско поглавие или шеста историска личност што може да биде одлична можност да нè сплотува, да нè зближува, да го јакне пријателството и слично. Ќе бидеме внимателни во коментарите заради тоа што знаеме дека треба да постигнеме решение кое ќе носи придобивки за двете страни и ќе биде за добробит, и за позитивни последици за Северна Македонија и на Бугарија“, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, која во интервју за бугарски медиум и македонскиот јазик го посочи како отворено прашање.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи следната недела ќе ја посети Бугарија, а тоа ќе биде претходница на посетата на Софија на Заев, до крајот на овој месец или почетокот на ноември, на која, како што рече, ќе се разговара за економски проекти од енергетиката, гасификацијата, унапредување на трговијата, инвестициите и меѓусебната помош во справување со ковид-кризата.

Захариева вчера во интервју за БТВ, во кое беше децидна дека Бугарија нема да ја блокира Северна Македонија во евроатлантските интеграции, како што најавуваше министерот Каракачанов, рече дека сепак тој процес ќе се набљудува.

„Од друга страна, тој процес треба да се набљудува, има многу за исполнување од Договорот, тука е прашањето на јазикот, историското минато. Обидите, пак, да се претстави Бугарија дека ја негира реалноста не се вистинити“, рече Захариева.