-Зоран Заев од премиер и претседател на СДСМ, вечерва станува султан! – вака коментираат поранешни функционери на партијата.
Централниот Одбор на владејачката СДСМ вечерва го разреши целото раковотство на партијата, според неофицијални информации, шесте потпретседатели на СДСМ ќе си поднесат оставки по “метлата“ што ја најави премиерот Зоран Заев.
Потпретседатели на СДСМ се: Фросина Ременски, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Благој Бочварски, Петре Шилегов.
Освен потпретседателите, се очекува и разрешување на генералниот секретар Александар Кирацовски. На негово место се очекува да биде назначен Љупчо Николовски.
Ова е симптоматично, ако се има предвид дека во игра за разрешување од министерските места се претежно министри кои доаѓаат од скопското крило на партијата и практично значи дека Заев се пресметува со сите неистомисленици во СДСМ.
Премиерот го разрешува целото раковотство и практично само тој останува во раковотството на партијата.
Во кулуарите околу СДСМ, со голема критика се гледа на неговиот авторитарен пристап, ако се има предвид дека тој ги разрешува сите кои во дел од политиките не се согласуваат со него. На вечерашниот состанок, особено настрадала потпретседателката Радмила Шекеринска, која отворено била критикувана од Заев.
На пример, новиот генсек на партијата Љупчо Николовски е поранешен шеф на кабинетот на Заев и важи за негово перосонално решение. Со ова решение, проследено со разрешувањето на сите претседатели на општинските организации, Заев целосно ја презема партијата.
„Економски Лидер“ вечерва разговараше со поранешен функционер на СДСМ, кој тврди дека ваквите решенија предизвикуваат гнев во редовите на владејачката партија.
-Со оваа одлука Заев сака целата одговорност за очајниот резултат на изборите да ја пренасочи од себе на нас. Ова е лошо, затоа што тој е оној кој што ги водеше процесите. Реалноста е сосем поинаква, но тоа е тоа. – вели за „Лидер“, поранешен функционер на СДСМ, кој во овој момент сака да остане анонимен.
Тој додава дека за министерски смени вечерва не се разговарало и најавената реконструкција на владата ќе биде тема на нов собир, откако претходно ќе се расправа на Извршниот одбор на СДСМ.