Македонија 16. јуни 2020. / 15:16

Заев пука по сите шевови

Заев пука по сите шевови

По вчерашната одлука за прифаќање на 15 јули како изборен датум за парламентарните избори, стана повеќе од јасно дека екс-премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, повеќе не е релевантен политички фактор, кој може да ги диктира политичките процеси во државата.

Неговиот настап на прес-конференцијата само потврди дека тој и неговите политики, ама буквално во сите области, незапирливо пукаат по сите шевови. И на домашен и на меѓународен план. А, нескриената нервоза, импулсивноста, безличноста и личните фрустрации го обезличуваат до степен на непрепознатливост.

Му се допаѓало некому или не, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на дело и во пракса покажа дека ја презема политичката палка и е целосно дораснат за  да го реализира тоа за што се подготвува веќе цели три години, а тоа е преземање на власта на фер и демократски избори. Маестрално одиграната шаховска партија околу одредувањето на датумот за избори, во која, пред се, човечки, а потоа и политички или лидерски даде предност на здравјето на граѓаните и на меѓународниот мониторинг на изборниот процес, широко му ја отворија вратата да му го зададе на Заев и конечниот удар. Немилосрдно да го порази на парламентарните избори.

Од почетокот на пандемијата со корона вирусот Заев се однесуваше политички тврдоглаво, без трошка човечко и политичко чувство за реалноста и секојдневните црни биланси за неумоливите бројки на новозаразени и починати од Ковид-19. За него приоритет број 1 беше партиската кампања, институционализираниот поткупот на гласачите и голата борба за власт. И сето тоа без почитување на елементарните демократски правила на игра. Дури, се доби впечаток дека му е поважна личната политичка судбина, отколку судбината на граѓаните на оваа држава.

Дека неговиот збор не тежи ни пет пари и до сега беше познато. Може цел филм да се направи од тоа колку ветувања имаше дадено дека нема да направи нешто, а потоа излегуваше сосема спротивното. Едно мисли, друго зборува, трето прави… Ако, пак, на ова се додаде ветено, а не реализирано, се добива целосна слика за синдромот, што веќе отворено влезе во домашниот политички лексикон, наречен „заевизам“! Или, внедрување на чистата лага како вредност во општеството, што не може да биде прифатливо за ниту една демократска средина, па било таа да се нарекува и Македонија.

Заев тврдоглаво лицитираше со датуми за избори, почнувајќи од 7, 14, 24 јуни, па те 5, па те 8 јули, за на крајот да прифати 15 јули. Не за друго, туку заради „свитканата рака“. И беше во состојба да оди сам на избори и сето тоа да го претстави како желба на народот и бегство на опозицијата од демократскиот процес. Со огромна поддршка на неговите медиумски пит були се обиде црното да ни го претстави како бело. И обратно, белото, како црно. Иако реалноста секогаш нуди милион нијанси сиво. Ама тука тешко му оди, зашто едноставно не знае така да игра. За него, главно оружје е уцената и злоупотребата на голата политичка моќ и сила. Така е навикнат и мисли дека така треба сите да функционираат.

А, за неговите неуспеси, нормално, секогаш треба да е некој друг виновен, ама никако тој самиот. Па, така, народот или техничкиот министер за внатрешни работи му се виновни за енормните црни бројки и неславните рекорди во регионот, Европа и светот за вториот бран од Ковид-19. Да, тие, а не неговото политичко проституирање со коалиционите партнери во владата за олабавување на мерките за Рамазанските празници и отварање на џамиите, како и на угостителските објекти.

Ветуваше Заев и дека нема да прифати Пржинска влада од 100 дена. Ама праксата покажа дека таква Пржинска влада веќе функционира шест месеци. Ветуваше дека сме добиле датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, а еве се уште чекаме на тој датум. Ветувал Заев многу работи, ама ништо не исполнил.

Освен, се разбира, тоа што сега Груби му го удира по нос-да го смени името и Уставот на државата и да потпише катастрофални договори со соседите. На сметка на целосно обезличување и денационализирање на Македонците и нивно претставување како ксенофобичен, фашисоиден и геноциден народ, што нема никаква врска со апсолутната историска вистина.

Ако, пак, се тргне од последните извештаи на меѓународни институции и невладини организации тогаш сликата за владеењето на Зоран Заев е уште поцрна и позастрашувачка. Оценките дека во Македонија царува корупцијата, криминалот, партизираното ибвинителство и судство, неказнивоста на високи функционери од власта, користењето методи за корумпирање на гласачкото тело не се оценки само на опозицијата, туку меѓународно верификувани факти.

И меѓународниот фактор сето тоа го следи и гледа. Го гледа тоа веќе со години наназад. А, го виде и случајот „Рекет“, што според ниту една теорија не можеше да биде реализиран без високопозиционирани политичари од власта. И токму селективноста во приодот на власта во расчистувањето на целиот случај и стави печат на корумпирана власт! Затоа Заев не треба да се чуди што веќе му се затворени меѓународните врати. За ова е доволно само човек да се обиде да се потсети кога Заев бил во некоја посета во странство и кај која политичка личност?! Но, тоа си е негов проблем.

Медиумските пит були на Заев долго време имаа стратегија да трубат во јавноста дека Мицкоски е бледа копија на Груевски и дека немал никаква тактика во спроведувањето на сопствените политики на домашната политичка сцена. Откако не мина споредбата со Груевски, зашто едноставно тешко се продава, самата пракса покажа и потврди дека Мицкоски имал и тоа како своја тактика. И таа тактика дојде до целосен израз во најпогоден за него момент, во момент кога доби гаранции дека приоритет има здравјето на граѓаните, а не борбата за гола власт!

Но, тоа е само еден сегмент од целата приказна. Новата политичка битка, што ја промовираше ДУИ во слоганот за премиер Албанец, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ манифестираат едно сосема ново политичко лице. Лице на кое му е туѓ национализмот и етноцентризмот и лице на кое му е приоритет борбата со пандемијата и економското заздравување на државата и општеството! Очигледно Мицкоски знае и умее. Му останува уште на избори да го матира политичкиот ривал.