Македонија 18. август 2020. / 16:36

Заев прифатил Албанец премиер кој ќе ја води владата на 100 дена пред наредните избори!

Заев прифатил Албанец премиер кој ќе ја води владата на 100 дена пред наредните избори!

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по средбата во Клубот на пратеници со лидерот на ДУИ Али Ахмети соопшти дека имале успешна средба и ја потврдиле рамката за идната коалиција и влада, која наредните четири години ќе работи посветено за интересите на граѓаните. Договорот, според Заев, ќе биде ставен на гласање пред највисоките органи на двете партии, а СДСМ тоа ќе го направи и пред ДПА како иден партнер.

Јас ја добив честа да бидам претседател на владата во полн четиригодишен мандат. Ќе ја укинеме Пржинската влада, за што поддршка даде и ВМРО-ДПМНЕ.Последните сто денови пред изборите како премиер ќе го вклучам во владата и коалициониот партнер, соопшти Заев.

Идејата за ова решение била да се доближат нашите граѓани, а не да се оддалечат, го дообјасни ова решение Ахмети, кое практично значи дека ќе има два премиера пред изборите. Ахмети ја поздрави храброста на Заев да прифати Албанец премиер во последните сто дена од владата.

Ова се години на храбри одлуки, а храбри одлуки носат само храбри луѓе, рече Ахмети.

Заев беше задоволен што договорот е постигнат на самиот почеток на преговорите за влада, заради потребата од брзо ставање во функција на клучните нституции во државата. Потоа, тој ги престави принципите на коалиционата влада што ќе ја предводи, како што рече, тој во полн четиригодишен мандат.

Кадровската понуда ќе се води од принципите за еднакво општество за сите и еднакво учество на мажите и жените. Нема да се предлагаат министри без ресор со исклучок на вицепремиерите. Платите ќе растат и ќе се вложува во нови работни места, регионален развој, привлекување на странски инвестиции. Ќе водиме неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа, ќе се спроведе прочистување на судството и проверка на парите и капиталот на секој функционер според најдобрите европски практики. Ќе се работи на тоа да се намалат привилегиите на функциионерите. Заштитата на животната средина ќе биде еден од врвните приоритети на владата, а Заев и Ахмети се согласиле и  на политики кои значат зајакнување на инспекциските служби и повисоки казни за загадувачите.

Меѓу приципите, Заев го спомна и укинувањето на Пржинската влада, промена на  изборниот модел, намалување на администрацијата за 20 проценти и сите вработени по Рамковниот договор  да тргнат на работа во наредните шест месеци. Според него, во Собранието законите ќе се поднесуваат заеднички со претходна координација и ќе има утврден ден за нивно поднесување.

Овие принципи, рече Заев,  ќе ги преточат во заедничка владина програма.Тој му се заблагодари на Ахмети за „големината, трпението и мудроста“ што ги вложил во овој договор нагласувајќи дека останува принципот дека секој граѓанин од која било етничка група може да ја извршува било која функција во државата, вклучувајќи ја и премиерската.

Ахмети  изрази уверување дека денешната одлука ќе биде поздравена од граѓаните и од партнерите во меѓународната заедница.

Многу е значајно дека денешната коалиција се заоснова на здрави темели и ќе придонесе за сите процеси во државата. Убеден  сум дека денес направивме многу добра работа и дека ќе им служиме на сите наши граѓани, дека оваа коалиција и партнерство за наредните четири години ќе биде меѓу најуспешните, рече Ахмети.