Кратењето на платите на администрацијата не е добра вест, но тоа реалноста. Јас како претседател на СДСМ не се откажувам, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев, на денешното гостување на Националниот телевизиски сервис.
Тој појасни дека доколку политичките партии сакаат да бидат одговорни партии, како што се фалат со добрите вести, така и неблагопријатните вести треба да им ги соопштуваат на граѓаните.
-Не смееме да дозволиме да дојдеме до тоа државниот трезор да каже повеќе не можеме да ги алиментираме налозите за плаќање оти нема пари. Тогаш ќе нема пари за болници, лекови… Ако солидарно се организираме ќе не биде, ќе го издржиме ова и ќе го скратиме периодот на кризата. Мора буџетот да се полни за да имаме за здравство, лекови, полиција, војска, плати, пензии… Не смееме да дозволиме основните функции на државата да бидат загрозени. Колку и да е тешко, нека е тешко. Политичари што калкулираат може да се исмејуваат со ова, но политичари што се државно ориентирани и им е важна и државата и народот го соопштуваат и најтешкото. Нашата земја поминала многу тешкотии, ќе го поминеме и ова ако сме здружени, солидарни, сериозни и одговорни. Да превенираме за да не ставиме респиратори на економијата, нагласи претседателот Заев.
Тој оцени дека мерката за намалување на платите на државната и јавната администрација за април и мај е многу солидарна и правична. Многу од оние што земаат минимална плата, како што се работниците, земјоделците, секако и компаниите се оние што го полнат буџетот.
-Од друга страна и во администрацијата оние што земаат поголема плата ќе им се намали повеќе, на оние што земаат помала плата ќе им се намали помалку. На крајот во услови кога кредитите и извршителите се одложуваат најмалку три месеци мораме да стиснеме заби и да одиме напред, додаде Заев.