Македонија 22. јуни 2018. / 21:37

Заев: Не дај боже, референдумот да биде нeуспешен

Заев: Не дај боже, референдумот да биде нeуспешен

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека за организирање на референдумот ќе се консултира со коалициските партнери, но и со опозицијата.

„За вакво исклучително важно прашање, како референдумското треба да се усогласени и власта и опозицијата и коалициските партнери со кои ќе се разговара, дали референдумот треба да биде консултативен или обврзувачки“, рече Заев. Тој верува дека референдумот ќе биде успешен.

„Не дај Боже да не успее“, вели Заев.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Алсат – М рече дека партијата ќе ја почитува волјата изразена на задолжителен референдум, ако тој биде демократски. Мицкоски не кажа дали партијата ќе го повика своето членство да учествува на референдумот, повикувајќи се на Уставот кој гарантира дека „секој има право да одлучи дали ќе гласа или не на референдумот“.

Мицкоски не се согласува дека со Договорот е сочуван националниот идентитет. Тоа се стекнати права, вели тој.

„Не само што не го задржавме идентитетот туку и ги загубивме. Ние тие права ги загубивме и веќе нема да бидеме Македонци туку, граѓани на Северна Македонија,“ рече Мицкоски.

Мицкоски се противи и на делот во Договорот според кој Грција на крајот од процесот треба да го ратификува Договорот.