Баронот Минхаузен, олицетворението на лагата во животот, може вода да му носи на екс-премиерот Зоран Заев. Ова станува јасно откако пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски објави снимка на која се слуша како Заев функционирал и како премиер, и како преговарач, и како врховен судија, и како наводаџија, и како бранител на криминал, и како „борец“ за правда, но сфатена исклучиво по негов терк, и како давеник фатен во неговите лаги, кој се обидува да се фати за сламка за да се спаси од сопствените криминали.
А, за да се види сето ова доволно е само да се спореди содржината на снимката и неговиот обид, само обид и ништо повеќе од тоа, за одбрана. Зашто, многу лесно паѓаат в очи контрадикторностите, што не се баш малку, ниту за потценување. Згора, следува и неговот признание дека ВМРО-ДПМНЕ „не успева да направи конструкција“, што упатува на активиран Фројд кај него дека тој многу добро знае-да направи конструкција! Која потоа, нели, неговите медиумски гавази, според школата на Гебелс, треба да ја трансформираат во вистина.
Но, да одиме со ред.
„Амбиентот во моментот кога тоа се случува, Катица знае, по кои постапки, со многу трпение треба да се оди, и го тераме целиот процес. Знае дека на Врховниот суд ќе се донесе таква одлука. Без Заев не може…“. Ова стои на самиот почеток на објавената снимка.
„Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство“. Вака Заев се обидува да се брани.
Како Зоран Заев знае, што знае Катица? И по кои постапки, со многу трпение треба да се оди, и каква одлука ќе донесе Врховниот суд? Знае, зашто очигледно биле на линија, што значи дека отворено се мешал и ја диктирал работата на Катица. Потоа, вели „одлуката на Врховен“, иако се работи за начелно правно мислење. Што наметнува и дополнителен заклучок дека од снимката станува јасно зошто Собранието не смогна сили да го толкува начелното правно мислење и да остане да виси и служи како алатка за дневно-политичка и правна пресметка.
„Им реков почекајте, ќе видите одлука на Врховен суд, оп, се случи одлуката на Врховен суд. Законот за СЈО што го преговараме, до касно го преговаравме. Ако се издоговориме тоа многу брзо ќе му се стави крај, трас-трас готово; Ако не се издоговориме ќе се заврши на одложен рок, но ќе се заврши; одлуката на Врховен суд е донесена“. Ова е вториот сегмент од снимката.
„Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за ЈО-покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката, што тогаш ја донесоа…“.
Иако не било трас-трас готово, Заев многу порано знаел за начелното правно мислење на Врховен, што сега го трансформира во „се зборува дека врховните судии јасно информирале…“. Не. Поверојатно е дека Заев не само што знаел, туку и директно учествувал во нарачката и носењето на мислењето на Врховен. А, за волја на вистината, целата јавност, а особено невладиниот сектор и правната фела се крена на нозе за да го „крене во воздух“ Врховниот суд, особено судијата Јово Вангеловски.
„Што се случува во правото, кога има материјални докази коишто се оебзбедени на основа на неовластени и недозволиви снимки, снимките се веќе недозволиви и обезбедените материјални докази паѓаат, таму кај што паѓаат се затвора предметот, тоа е како донесена пресуда, не се отвораат. Ова е третиот сегмент од снимката.
„ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеја дека предметите на СЈО беа под закана-Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен“. Вака Заев се обидува да се претстави како победник по објавувањето на снимката.
И токму тука Заев го прави превидот. Зашто, не е во прашање тоа што „само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен“. Не, туку проблемот е што сега објавената снимка од страна на Милошоски не може во иднина да биде ни индиција за постапување на редовното Јавно обвинителство. А, ако некој смета дека сето ова што Заев го правел е најнормална работа, тогаш навистина има сериозни проблеми со самото сфаќање за слободно, без политичко влијание правосудство, и воопшто со владеењето на правото и функционирањето на правната држава.
Четвртиот и петтиот дел од снимката можат да се слеат во едно, што би можел да се идентификува како дел-Јово Вангеловски.
„Што е важно?…значи ја со Јово Вангеловски, беше еден од трите судии во Врховен суд, имаше и други тројца од Апелационен суд, што требаше да паднат заради бегството на Сеат Кочан и заради бегството на овој; и Јово беше вратен, сум се смирил и сум се договорил со Јово. Точно е ние бевме блиски, тераме блиски, јас сум таков човек…“. „Со Јово и сум бранел во јавност и сум јадел…Цела јавност знаеше дека власта стои зад Врховен суд; Врховен суд тоа сам не може да брка“, стои во снимката.
И сега кој навистина го брани криминалот? ВМРО-ДПМНЕ или Зоран Заев? Та, нели, за јавноста Вангеловски беше корумпиран, ваков, таков, никаков!? А, СДСМ, пак, во соопштение додава дека ги викале „Јово превара“. И како тоа Заев да ти бил прв другар со тој и таков Вангеловски?! Веројатно имале многу нешта заеднички, што само они си ги знаат, ама со ова Заев постапувал директно спротивно од тоа што значело препорака од Калето. Што ќе рече, Заев на своја рака го дриблал.
Конечно, од каде потекнува снимката и кој е вистинскиот тајминг кога таа е направена. Милошоски веќе на двапати укажува дека таа е од мај минатата година, а Заев тврди дека е од многу порано и тоа од разговори, што ги водел со осумтемина независни од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Денеска, пак, и тие самите потврдија дека они не го снимале Заев, што значи дека и во овој сегмент тој не ја говори вистината.