Македонија 12. март 2020. / 15:11

Заев: Ќе изнајдеме други начини за кампања

Заев: Ќе изнајдеме други начини за кампања

На лидерската средба во Владата не се разговарало за одлагање на изборите, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, но додаде оти смета дека е несериозно и неодговорно уште сега да се зборува за тоа прашање.

-Ќе ги чекаме информациите, рече Заев.

Тој, како и останатите учесници на средбата, најави дека ќе изнајдат други начини за кампања, соодветни на ситуацијата, како компензација за големи собири.

На прашањето дали ќе си поднесе оставка на лидерската позиција ако СДСМ загуби на изборите, како што покажувале анкетите, Заев рече:

-Напротив, сите анкети покажуваат дека водиме, а најрелевантната анкета е на денот на изборите. Ние сме убедени во победа и не помислуваме на други алтернативи, туку дека граѓаните ќе дадат чест и одговорност да ја водиме извршната власт.

Лидерската средба во Владата ја опиша како продуктивна и конструктивна за решенијата на институциите за справување со коронавирусот.

-Добро е што сите сме на иста маса за тоа, бидејќи здравјето е над се. Здравјето е и мора да биде највисок приоритет и во таа насока се и најновите мерки на институциите. Овие мерки се за добро на сите граѓани и за нивна заштита и апелирам сите да не мрднеме ни милиметар од нив. Исто така, апелирам да се спротивставиме на лажните вести, бидејќи ширењето страв и паника е кривично дело. Најважно е да ги слушаме експертите и да нема политички делби по тоа прашање, изјави Заев.