Двете страни имаат право и обврска да ги застапуваат сопствените позиции, да ги заштитат своите национални интереси и да ги оправдаат политиките, но имаат обврска и да се грижат за пријателството, како и да ја гарантираат европската иднина на регионот.
-Ние сакаме решение и добро е тоа да се постигне до 17 ноември. Веруваме дека претстојните денови заедно со Бугарија, која е наш голем пријател, максимално ќе ги искористиме, порачаа вчера премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров во врска со последните случувања на релација Скопје – Софија.
Се огласи и Бугарската академија на науките (БАН) според која, „плодотворни се напорите на бугарската Влада за интегрирање на Република Македонија во вредностите на ЕУ“.
БАН ја поддржува позицијата на официјална Софија во однос на македонската евроинтеграција. Не ги прифаќа преговарачката рамка за земјава и придружната нацрт-декларација онака како што се предложени во сегашната форма.
Паневропската Унија на Македонија и ПанЕвропа Бугарија, пак, преку заедничко соопштение апелираа различните ставови за историјата да не бидат пречка за заедничката европска иднина на двете земји. Воедно повикаа Скопје и Софија да ги решат билатералните прашања во духот на добрата волја.
Се изјаснија и двајца бугарски универзитетски професори. Блокадата е во прилог на амбициите на Каракачанов и на некои ЕУ земји кои не сакаат проширување, рече професорот по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев, додека според историчарот и професор по историографија на Софискиот и на Универзитетот во Благоевград, Стефан Дечев, се креираат тензии и се премолчуваат ставови за спорот меѓу Софија и Скопје.
Со оценка излезе и германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ). Во текстот „Меркел ги предупреди кавгаџиите“ напиша дека инсистирањето на Бугарија на контроверзни историски прашања како услов за евроинтерграцијата на Македонија може да ја загрози целата политика за проширување на ЕУ. Според ФАЦ, во овој дел од Европа се преценуваат историските спорови и ќе дојде до крај на политиката на проширување ако се дозволи барањата за договор за билатерални историски спорови да стане предуслов за почеток на пристапните преговори.
Според вицепремиерот Димитров, има работи за кои може да се разговара, но има и работи за кои нема дискусија. Ниту со Бугарија, ниту со која било друга земја или организација не можеме да преговараме за тоа кои сме, каков јазик зборуваме и кој ни е идентитетот.
-Нема компромис околу нашето право на самоопределување. Македонското бидување не загрозува ничие друго, а заемната почит е основа за секое вистинско пријателство. Тоа се универзални човекови права, вградени во вредностите на ЕУ и Унијата треба и може да се проширува само преку афирмација на тие вредности, никако преку нивно загрозување. Впрочем, како што вели и новата методологија, „сите треба да се воздржат од злоупотреба на билатералните прашања во пристапниот процес, напомена Димитров.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги повика Владата, Заев, Димитров и сите инволвирани во процесот, јавно да кажат за што се преговарало во Софија од Бугарија.