Канал 5 телевизија соопштува дека ќе биде домаќин на телевизискиот дуел на деценијата меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
По прелиминарно искажаната подготвеност на двајцата лидери и неколкудневни консултации со двете страни, договорено е дуелот да се одржи во вторник, 26 март, во рамки на емисијата Само вистина, со почеток во 18 часот и 30 минути.
Присуството денеска го потврдија и од двете партии.
Во соопштение од СДСМ се наведува:
-Во духот на демократските вредности, граѓаните имаат право да видат јавен, отворен судир на идеи и концепти. Тоа е основа на демократските принципи за кои СДСМ постојано се залагаше како опозиција, а сега ги реализира од позиција на владејачка партија – стои во одговорот што го доби Канал 5.
Потврда стигна и од ВМРО-ДПМНЕ..
–Ја поздравуваме можноста да се говори за вистината во Република Македонија, за недостатокот на правда, загрозените слободи и права, како и изневерените очекувања од Владата. Ја поздравуваме и одлуката што конечно после две директни прозивки до власта, Заев конечно се одважи и охрабри да прифати директен дуел и разговор за овие теми – стои во одговот од ВМРО-ДПМНЕ.
Според концептот на Канал 5 телевизија, дуелот ќе трае 100 минути, со ограничување на одговорите на прашањата во траење од 2 минути, како и можност за размена на реплики и контрареплики. Двајцата гости ќе добијат прашања на актуелни теми на кои граѓаните очекуваат одговори, а и самите ќе имаат можност да отворат по една тема.
Како новина, по завршувањето на дуелот најавуваме т.н. Проверка на фактите, во која новинарски тим на Канал 5, ќе ги проверува и споредува тврдењата на лидерите со релеватните извештаи од домашните и меѓународните инситуции, со цел да се избегнат манипулации со јавноста..