Македонија

Заев и Борисов на заедничко чествување на светите браќа Кирил и Методиј во Рим

Заев и Борисов на заедничко чествување на светите браќа Кирил и Методиј во Рим

Премиерот Зоран Заев денеска во рамки на посетата на Република Италија и на Светата Столица по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, учествуваше во заедничките активности за чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј, со делегацијата на Бугарија предводена од премиерот Бојко Борисов.

Владините делегации на Македонија и Бугарија предводени од премиерите Заев и Борисов учествувале на молебенот и на церемонијата на полагање на венец на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим.

Со црковната служба на Македонската православна црква, молебен во чест на Свети Кирил, чиноначалствувал митрополит Европски Пимен, во сослужение со митрополит Кумановски и осоговски Јосиф, и митрополит Тетовски и гостиварски Јосиф. Митрополитот Европски Пимен, после црковната служба одржа беседа за црковното дело на Свети Кирил и за неговиот брат Свети Методиј.

Потоа, Заев и Борисов положиле венци свежо цвеќе на спомен плочата во чест папата Адријан II, во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Премиерот Заев во своето обраќање истакнал дека со својот подвиг и мисија, Свети Кирил и неговиот брат Свети Методиј, ја задолжиле тогашната сесловенска христијанска цивилизација, и дека нивната просветителска мисија има посебно место во историјата на македонската држава, како и посебно место во историското и духовното наследство и на другите народи на Балканот, како што е нивното достојно место во историјата на Република Бугарија.

– Со заедничките активности за одбележување светите браќа Кирил и Методиј, ние го потврдуваме нашето искрено пријателство и заедно до целиот свет ја испраќаме хуманата порака на мисијата на Свети Кирил и Методиј, а тоа е порака за дијалог и меѓусебно разбирање, нагласил Заев.

Тој додал дека нивното дело тогаш имало наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога, и преку писмо разбирливо за словенските народи го организирале заедништвото во црквата, во Христа, како суштинска карактеристика на христијанската вера.

– Мисијата на светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничкитe допирни точки нè не делат, туку не поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години не учи и нè инспирира, рекол премиерот Заев во своето обраќање пред медиумите по повод чествувањата во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

Во тој дух, посочил, ние денеска можеме да кажеме дека Република Македонија го чува и го негува делото на светите браќа, заедно со сите народи, заедно со народот на Република Бугарија, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ќе ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест во името на граѓаните на двете земји, како и во името на сите словенски народи кои негуваат почит кон светите браќа Кирил и Методиј. – Нека е вечен нивниот спомен и нека ни е за многу години големиот празник Свети Кирил и Методиј, посочил Заев.

Борисов во своето обраќање истакнал дека со чествувањето на празникот пред плочите каде е осветена нашата азбука се сеќаваме и на тоа колку големи дипломати биле Свети Кирил и неговиот брат Методиј во тоа време, кога требало да го убедат папата Адријан II дека треба да се шири словенското писмо.

Премиерот Борисов рекол дека заедничкото учество во активностите за оддавање на чест на Свети Кирил со владиците од Македонската и Бугарската православна црква ја потврдува заедничката определба за пријателство и добрососедство меѓу двете земји, и дека споделувањето и меѓусебната почит кон историските настани и ликови, го градат патот на иднината меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

– Наместо овие празници да прават раздор меѓу двата народи, може да не зближуваат, заклучил премиерот Борисов.