Македонија 18. август 2020. / 16:27

Заев и Ахмети постигнаа договор за владина коалиција

Заев и Ахмети постигнаа договор за владина коалиција

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска објави дека денеска е постигнат договор за создавање парламентарно мнозинство, формирање нова влада и за поделба на министерствата со ДУИ. Заев објави исто така дека нивниот денешен договор треба да го потврдат највисоките тела на партијата.

Ја прецизиравме и потврдивме рамката за идната соработка меѓу СДСМ и колацијата „Можеме“ и ДУИ, рече Заев, кој посочи дека ќе ја предводи владата во следните четири години.

Заев имаше средба со Ахмети за постигнување конечен договор за формирање на влада, на која присуствуваа и генералните секретари на партиите Артан Груби од ДУИ и Љупчо Николовски од СДСМ.

Двајцата лидери не соопштија детаљи од договорот за поделбата на владините ресори и за тоа кој ќе биде претседател на Собранието.

Договорот ќе биде презентиран и доставен на одобрување пред органите и телата на двете партии, рече Заев во изјава по лидерската средба.

Заев вети дека новата влада ќе се посвети на неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата, прочистување на правосудството и проверка на потеклото на парите и имотот кај секој функционер. Ќе се намалат и привилегиите на функционерите, а обемот на администрацијата ќе се намали за 20 отсто.

Заев нагласи дека ќе се работи и на промена на изборниот модел веќе за следните локални избори.