Седум лица починаа, а има 125 новозаболени од ковид-19 од кои 89 се од Скопје, објави министерот за здравство Венко Филипче.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје (79г) на клиниката од 19 мај, пациентка од Струга (66г) хоспитализирана на 8 јуни, пациентка од Скопје (54г) примена на 5 јуни и уште една пациентка од Тетово (46г) која починала при прием во амбулантата.
Во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Скопје (77г.) примена на 8 јуни и пациентка од Струга (73г.) примена на 7 јуни. Во болницата во Штип почина пациент на возраст од 87 години, хоспитализиран на 26 мај.
Во последните 24 часа се направени 1019 тестирања, а регистрирани се 125 нови случаи на ковид-19.
– Скопје 89
– Куманово 4
– Штип 2
– Прилеп 2
– Тетово 11
– Струга 3
– Велес 1
– Охрид 8
– Гостивар 1
– Струмица 2
– Кичево 1
– Ресен 1
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 6 оздравени пациенти.
– Скопје 1
– Прилеп 1
– Велес 4
Досега во земјата се направени вкупно 39033 тестирања на ковид -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 19 теста се во рамките на скринингот во градинки во Скопје, нема позитивни резултати на ковид-19.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3364, бројката на оздравени пациенти е 1664, на починати е 164, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1536.
Денешната бројка новозаразени е меѓу највисоките од почетокот на пандемијата. И во ваква ситуација, лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран заев, изјави дека нема причина за продолжување на вонредната состојба. Според него, вонредната состојба досега се носела заради економските мерки за помош на граѓаните и стопанството, а Владата не гледа потреба да носи четврти пакет економски мерки, затоа што до есен ќе се реализира третиот пакет на економски мерки кој е веќе донесен.
-Нема никакви причини Владата да бара нова вонредна состојба. Нема ни основ како да ја оправда. Затоа роковите за избори остануваат онака како што е законски и уставно пропишано, а тоа е 22 дена од завршување на вонредната состојба, односно на 5-ти јули, изјави Заев за весникот „Вечер“.
Вонредната состојба, како што посочува претседателот на СДСМ, нема врска со рестриктивните мерки поврзани со здравствените последици од коронавирусот.
Владата вчера ја прати на „поправен“ Комисијата за заразни болести, која предложи враќање на полицискиот час од 22 до 05 часот наутро во местата со најголем број заболени од корона вирусот. Ова беше по вторпат Владата да не ги слуша здравствените работници на сметка на дневната политика и спроведувањето брзи корона избори, што се враќа со нови, огромни бројки новозаболени лица. Македонија е со најлоши резултати во борбата со Ковид-19 од сите земји во регионот.