Македонија 12. јануари 2019. / 18:30

Заев е уверен дека и Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа

Заев е уверен дека и Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа

Ден по изгласувањето на уставните измени , премиерот Заев им се заблагодари на сите што го помогнале процесот, со верување дека и Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа и ќе го потпише протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Во својот говор на првата прес конференција откако синоќа парламентот ги изгласа уставните измени произлезени од Договорот од Преспа за промена на името на државата, премиерот Зоран Заев е уверен дека по одлуката на парламентот државата се движи кон иднината што ја посакуваме. Се заблагодари на сите во Собранието за нивниот глас и вели ја разбира горчината, но и гордоста на граѓаните по оваа одлука.

Убеден сум, вели Заев, дека и грчките пратеници ќе го ратификуваат договорот и ќе се потпише протоколот за влез на Македонија во НАТО.

На опозицијата и порача дека е време да заборави на опструкциите и дека треба да биде дел од новите поглавја. Прашан за барањето на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски за предвремени избори Заев вели ова е прашање вредно за дебата и ја остави отворена можност годинава да се бира и нов претседател и нов парламент.

Амандманите со кои се менува Уставот денеска ќе бидат објавени во Службен весник, по ова Владата ќе ги извести властите во Атина, а потоа како што рече премиерот ќе ги извести и сите држави во светот за новото име на државата. Заев уверува дека Македонија ќе има економска корист од новото име. Вели голем број инвеститори ја чекаат промена за да инвестираат тука и најави целосна посветеност на Владата на економскиот раст, реформите и поздрав правен систем.