Премиерот Зоран Заев е на пат кон Скопје со џип што му го испратил бугарскиот премиер Бојко Борисов, дознава„Независен весник“ од извори во нашата делегација што беше на самитот во Давос.
Според информациите, членовите на македонската делегација се враќаат во земјава со три џипа и со придружба што им ја испратил Борисов, со оглед на лошите услови на патот од Софија до Скопје поради невремето.
Не е исклучено Заев да стигне во Скопје пред завршувањето на вечерашната седница на Централниот одбор на СДСМ кој заседава во отсуство на партискиот лидер, а претходно седница одржа и Извршниот одбр под претседателство на заменик-претседателката Радмила Шекеринска.
Авинот со кој Заев и другите членови на македонската делегација се враќаа од Давос попладнево не успеа да слета на скопскиот аеродром, поради снегот и лошите временски услови, туку беше пренасочен кон аеродромот во Софија.
По игра на случајот, Заев денеска по пат ја доби веста дека во грчкиот парламент е ратификуван договорот од Преспа, за чие постигнување разговорите меѓу него и грчкиот премиер Алексис Ципрас почнаа токму во Давос, на првата нивна средба на 24 јануари минатата година. Бугарија, пак, за време на нејзиното претседателствување со ЕУ, во првата половина на минатата година, беше еден од најголемите лобисти за надминување на спорот меѓу Македонија и Грција и за давање можност за почеток на преговори на нашата земја со ЕУ. Претходно, Заев и Борисов го постигнаа договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.