Македонскиот јазик е впишан во Обединетите нации, тој е признаен од сите, тој е нашиот идентитет. Ова прашање од националистички побуди повторно е извлечено на површина, изјави екс-премиерот Зоран Заев во гостувањето на „Утрински брифинг“.
Според него, отворањето на прашањето со Бугарија и за македонскиот јазик е за политички цели.
-Тие што се научени да живеат и работат со национализам популизам, така и продолжуваат да функционираат. Ова прашање од националистички побуди повторно е извлечено на површина. Уште еднаш да напоменам дека македонскиот јазик никаде не е спорен, македонскиот јазик е впишан во Обединетите нации, тој е признаен од сите, тој е нашиот идентитет. Повторно да се отвора ова прашање е навистина од желба за власт, од желба за политички поени, правење повторно драми или слично, изјави Заев.
Говорејќи на оваа тема, тој порача дека сите знаат дека одлуката на Европскиот совет за преговори е јавно објавена и дека државата доби безусловен датум за почеток на преговори.
-Постои еднострана изјава од страна на Бугарија, дури и во самата изјава тие викаат за свое разбирање внатре, рече Заев посочувајќи дека не се изненадил од изјавата со оглед на тоа што бугарскиот парламент претходно донел декларација за нивна внатрешна употреба.
Сепак, Договорот за добрососедство со Бугарија, порача лидерот на СДСМ, мора да се спроведе.
-Не би бил чесен ако не кажам дека низ поглавјата, низ преговорите ние мора да го заокружиме и решиме Договорот со Бугарија, односно да ги имплементираме сите негови ставки, како што треба да го имплементираме и договорот од Преспа. Двете страни сме презеле обврска и тие договори се за стратешко партнерство, пријателство и во полза на двете страни е да се реализираат самите договори. Од нив ќе излезе благодат за двете страни и што и да се договара низ преговорите, мора да има задоволство на двете страни, двете страни да бидат среќни, рече Заев.