Македонија 03. март 2020. / 15:01

Заев: Членството во НАТО ќе ни отвори пазар вреден 4 милијарди евра годишно

Заев: Членството во НАТО ќе ни отвори пазар вреден 4 милијарди евра годишно

Изминативе три години донесовме тешки, паметни и храбри одлуки. Одлуки кои беа неопходни за да направиме стабилна држава која може да спроведе големи економски промени, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција во седиштето на партијата.

Тој во својот говор се осврна на придобивките од членството во НАТО, но и за планот на СДСМ за што побрз влез во ЕУ.

-Денес македонската армија e дел од најмоќниот планетарен безбедносен сојуз, градиме модерна армија, армија на граѓаните. Тоа освен што значи безбедност и стабилност, носи и повеќе пари за граѓаните, истакна Заев.

Тоа го покажуваат и сите економски параметри, вели Заев за кои само по добивањето на поканата за членство за НАТО во 2018 година, странските инвестиции достигнале рекорден износ зголемен за над 300 отсто во споредба со оној од 2017 година. Во врска со невработеноста рече дека е на рекордни најниски 17 отсто, а платите растат буквално во сите сектори.

-Веќе од оваа година се отвора пазар вреден 4 милијарди евра годишно за нашите компании преку нашето членство во НАТО. Агенциите на НАТО за услуги, набавки, информатика и комуникации стануваат достапни за сите македонски компании да конкурираат и да ги пласираат нашите домашни производи, рече Заев.

Претседателот на СДСМ порача влеговме во НАТО – можеме и во ЕУ, истакнувајќи дека денеска сме чекор поблиску до преговорите со Унијата и отворање на првите поглавја, а како последен доказ, додаде Заев, е вчерашниот Извештај на Европската комисија.

-Извештајот нотира значаен напредок во сите области: во правосудството, во борбата против корупцијата, во реформата на безбедносните служби и реформата на јавната администрација. Тоа е потврда, тоа е печат за успешните реформи што ги остваривме со многу работа и во тешки услови, тоа се успеси на граѓаните, на државата, на Владата, на парламентот и на институциите, рече Заев.

Додаде дека, отварањето на преговорите за нас ќе значи трансформација на целото општество, но и пристап до нови фондови, до повеќе пари за зелена агенда, за енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализација, патишта, водовод, повеќе работни места, повисоки плати за работниците, повеќе профитабилни домашни компании.

-Затоа, од европските фондови обезбедуваме 2 милијарди евра за Северна Македонија во годините коишто претстојат пред нас. Само во последните месеци добивме грант неповратни средства од 13 милиони евра за интерконекторот за гас помеѓу нашата земја и Република Грција, должен 68 километри. 5 милиони евра добивме неповратни средства за граничниот премин, за железничкиот премин и патот околу граничниот премин Табановце. 28 милиони евра добивме грант  неповратни средства од ЕУ  за патот Скопје- Блаце, плус 50 милиони евра добивме награда за успешно спроведени реформи и 17 милиони евра за развој на регионот Преспа. Тоа се европски пари за европски стандард дома, порача Заев.

Тој додаде дека е убеден дека граѓаните ќе дадат масовна поддршка на  концептот на партијата кој води со крупни чекор напред кон иднината.

-Почитувани граѓани, ја вративме слободата и демократијата и европските вредности во нашата земја, обезбедивме предвидливост. Паметните и храбри одлуки ги имаме насекаде по историјата, насекаде во светот и во сите времиња паметните и храбри одлуки донеле предвидливост и победи на цели нации, на многу земји, рече Заев.

На крајот Заев порача дека на 12 април граѓаните ќе ја потврдат успешноста на реформите и на севкупните позитивни промени во нашето општество, и ќе ја дадат довербата за нов, чист мандат во кој СДСМ ќе продолжи да работи и повеќе и подобро за интересите на државата, и за интересите на граѓаните.