Македонија 08. мај 2020. / 12:56

Заев бара оставка од Чулев: Дали Мицкоски го натера министерот да организира литија среде пандемија

Заев бара оставка од Чулев: Дали Мицкоски го натера министерот да организира литија среде пандемија

Оставка од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев побара денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објавувајќи фејсбук статус во кој поранешниот премиер го обвинува министерот Чулев за вчерашните настани во Струга.

Заев прашува дали министерот за внатрешни работи се консултирал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Дали Наќе Чулев се консултираше со Мицкоски пред да одлучи да го загрозува здравјето на граѓаните? Дали Мицкоски го натера Чулев да организира настан среде пандемија без мерки на заштита? Дали Мицкоски му кажа на Чулев да не постапува при масовен собир во Струга? Дали Мицкоски му одобри на Чулев напад врз новинар? Дали Мицкоски му одобри на Чулев фрлањe чадна бомба во публика, прашува лидерот на СДСМ на својот прифил на Фејсбук.

Со ваквите постапки, обвинува Заев, кадрите на ВМРО-ДПМНЕ повторно нѐ потсетуваат дека кај нив нема грам срам, ниту одговорност.

-Мицкоски, Чулев и ВМРО-ДПМНЕ преземаат опасни чекори во здравствената криза. Тие повторно тргнуваат од нивната вечна партиска позиција: колку е полошо за граѓаните, толку е подобро за опозицијата. Нема ниту еден разумен и добронамерен човек кој би можел ова да го оправда. Затоа, на вакво скандалозно однесување и при вакви катастрофални постапки против граѓаните, има само еден логичен чекор којшто Чулев треба итно да го преземе – Оставка!, пишува Заев на профилот на Фејсбук