Македонија 28. април 2019. / 17:21

Заев: Ако изборите се неуспешни ќе проектираме датум за предвремени парламентарни избори

Заев: Ако изборите се неуспешни ќе проектираме датум за предвремени парламентарни избори

Лидерите на партиите чии претседателски кандидати влегоа во втората рунда, уверени дека изборите ќе успеат и дека на 5 мај земјава ќе го добие новиот шеф на државата.

И Заев и Мицкоски оптимисти дека победата ќе ја однесе нивниот кандидат. Во спротивен случај, Заев потврдува дека ќе распише предвремени парламентарни избори, а Мицкоски дека ќе ги преиспита ангажманите и политиките на партијата.

-Следен претседател на Република Македонија е проф. Гордана Сиљановска Давкова. Очекувам да има цензус на 5 мај. Се разбира Републичкиот изборен штаб ќе презентира извештај за сработеното, а Централниот комитет е тој кој што понатаму ќе одлучува како и во која насока партијата ќе се движи- рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Застанавме зад независен кандидат, за кој веруваме дека ќе биде идниот претседател на Република Северна Македонија. Секако, ако граѓаните одлучат поинаку, јас веќе реков и јавно ќе повторам, ќе проектираме датум за предвремени парламентарни избори-рече премеирот Заев.

И Заев и Мицкоски викендот со оптимистички сигнали и околу Законот за јавно обвинителство и идниот статус на СЈО. Првиот опозиционер очекува дека договор ќе се постигне веднаш по изборите, откако власта го прифати нивниот предлог за иднината на спорните истраги да одлучува државниот обвинител.

-Јавниот обвинител со уште двајца јавни обвинители со стаж поголем од 15 години да направат прераспоредувале на тие предмети кај тие соодветни обвинителства и соодветни обвинители од самите тие обвинителства, а самите обвинители да утврдат која е иднината на самите предмети- рече Заев вчера запрашан за приближувањето на ставовите околу СЈО.

-Знам дека има размена на документи. Се уште е тоа во работна верзија. Фокусирани се, претпоставувам сите сили кон вториот круг на претседателските избори. Се надевам дека веднаш после тоа ќе седнеме и ќе ја завршиме и таа работа. Но и сега, СДСМ има можност нека ги прифати амандманите што опозицијата ги предлага и веднаш да појдеме во Собрание да го изгласаме законот- вели Мицкоски.

Во однос на најавената чистка во владините редови, Мицкоски смета дека метлата нема да заигра по изборите в недела, туку дури после евентуалните предвремени парламентарни избори, но не открива дали метлата би заиграла и во негов двор.