Македонија 31. август 2019. / 17:06

Во Штип ќе се отвори приватна школа за пилоти

Во Штип ќе се отвори приватна школа за пилоти

Педесет и осумгодишниот капетан на Боинг 373, Раде Ивановски од Штип денеска свечено го отвори хангарот за авионите и го најави отворањето на приватната школа за професионални пилоти.

Објектот и авионите се наоѓаат на спортскиот аеродром Сушево, од каде, како што вели Ивановски почнала и неговата љубов кон летањето. Професионалниот пилот, кој работи за авиокомпанија во егзотичната Руанда вели дека својот капитал го инвестира овде, со цел да заживее повторно воздухоплоството, но и земјава да има подмладок, којшто речиси и да го нема.

– Во Штип веќе имаме школа за спортски пилоти, но овде ќе имаме надградба. Сакаме да направиме нешто повеќе од она што е спортски пилот, бидејќи кога ќе се земе професионална дозвола веќе има можност да се работи и во комерцијални цели, без разлика дали во земјоделска авиjaција или пак во авиокомпанија или во полиција. – вели Ивановски.

Тој има 12.000 часа поминати во облаците, летовите не ги ни брои, бидејќи животот како пилот го поминал во повеќе странски компании, а кариерата ја почнал во МАТ. Во земјава има 30 професионални пилоти, кои што работат за македонските институции или пак за странските авиокомпании.

Тој смета дека оваа професија има иднина, а платата за еден пилот се движи од 2.000 до 15.000 евра во зависност од компанијата, за која се работи.

На штипскиот спортски аеродром Сушево денеска беше и македонската воздухопловна елита, меѓу кои Славјанка Дојчиновска првата жена пилот во земјава. Таа вели дека сега само се вози во авионите, но денеска имаше мирно небо, па и таа се вивна кон облаците.

Пилотот Ивановски заедно со неговите двајца синови денеска на аеродромот Сушево приредија и аеромитинг. Ваква манифестација во Штип не е одржана над 20 години.