Македонија 07. октомври 2020. / 21:30

Во Куманово повторно протестираа учениците кои сакаат физичко присуство на настава

Во Куманово повторно протестираа учениците кои сакаат физичко присуство на настава

Група ученици денеска повторно мирно протестираа по кумановските улици и побараа настава со физичко присуство на часовите.

Учениците од училишта каде наставата се изведува и на македонски и на албански наставен јазик организирајќи се преку социјалните мрежи тргнаа од пред „Серава“, движејќи се по централното градско подрачје и се упатија пред зградата на општината. Тие уште еднаш кажаа дека се против онлајн настава за која сметаат дека нема да ги задоволи критериумите, кажаа дека дел од нивни соученици немаат средства за набавка на соодветна опрема за следење на наставата.

Според нив Ковид 19 не може да се шири само во училиштата и за нив е нелогично зошто не се дозволува физичко присуство кога секојдневно сите се сведоци на турканици пред банки, на туристичките места кои ги полнеа корисниците на ваучерите за домашен туризам, на посетители на угостителски објекти кои ги следат настапите на пејачи од соседни држави, на концерти.

Драгана Спасовска од „Наце Буѓони“, пред медиумите прочита соопштение во кое учениците се обратија на Министерството за образование, посочувајќи дека родителите не можат да дозволат да купат опрема, дека во останатите земји учениците одат на настава.

Едона Сулјемани од „Наце Буѓони“ од албанските паралелки рече дека онлајн наставата не е соодветна за нив и порача надлежните да го сменат мислењето и учениците да се вратат во училиштето.