Дури аболицираниот за криминал, Зоран Заев јаде со златни лажици, Македонија е 5-та земја во светот по смртност од епидемијата со корона вирус, се вели во утринското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи го премиерот дека око не му трепнува тоа што над 85 илјади луѓе се заразиле, а над 2.600 починаа.
Наместо да обезбеди вакцини, додаваат оттаму, премиерот се фокусираше на матните тендери, лиценците за марихуана и личното богатење на своето семејство.
-Очигледно дека Алчноста по злато и лично богатење го преокупираше Заев и затоа Македонија е последната земја во регионот и Европа која ќе почне со вакцинација на своето население, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека додека народот се бори за својот гол живот, лажниот социјалдемократ, како што велат, бесрамно се фали со луксузот и богатството кое го стекнал на криминален начин.
Златниот прибор на Заеви покажува каде завршувале парите во оваа земја. Затоа немаше пари за тестови за корона вирус, затоа здравството е на колена, затоа нема заштитни средства и медицински материјали. Парите во Македонија завршуваа кај кланот, наместо за граѓаните, се вели во соопштението од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека лицемерно е Заев да ветува квантен економски скок во 2021 година јадејќи со златниот прибор, освен ако не мисли на тоа следната нова година да ја честита јадејќи и од златни чинии.