ВМРО-ДПМНЕ вечерва во 18 часот ќе го одржи првиот од серијата граѓански протести, кои ги најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Протестот вечерва е против зголемувањето на цената на струјата. Партијата ги повика граѓаните на протестот, за како што велат, време е за обединување против оваа власт која е мафија и која продолжува да се богати на грбот на народот.
– Наша должност и ова е време кога треба да се биде гласен. Протестот ќе започне во 18 часот пред Министерството за правда и ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика и ќе бараме да се врати цената на струјата по старо, рече во понеделникот Мицкоски на прес конференција.
Тој ги повика опозициските партии и невладините организации и поединци на формирање опозициски фронт против власта, која во обраќањето ја нарекуваше мафија која се богати преку грбот на народот.
– Можеби имаме различни гледишта и концепти, но нѐ обединува сиромаштијата. Со активен отпор на улица и да протестираме за секоја тема што ги мачи граѓаните. Не смееме да дозволиме богата влада, богати мафијаши, а сиромашен народ. Мафијата не се урива со една битка, туку со многу битки и труд. Ова е почеток на нивниот крај. Ние оттука тргнуваме, рече Мицкоски.
Тој најави дека ова ќе бидат мирни протести, со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот.
Според партијата, додека граѓаните на Република Македонија се сиромашни и гладуваат, Заев и неговата влада се гоштеваат со октоподи и скапи пијалоци.