Македонија 11. септември 2018. / 16:39

ВМРО-ДПМНЕ пред конечна одлука за референдумот – Секој да постапи по сопствен избор

ВМРО-ДПМНЕ пред конечна одлука за референдумот – Секој да постапи по сопствен избор

Секој граѓанин да постапи по свое убедување за референдумот на 30 септември, ова е пораката што јавноста најверојатно ќе ја слушне вечерва од седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Раководството на партијата во текот на денот одржува средби со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а за попладнево се закажани состаноци на Извршниот и на Централниот комитет.

Неофицијално, пораките што партискиот лидер Мицкоски ги упати во говорот од протестниот марш во Кичево се насоките околу кои се движат размислувањата на мнозинството во ВМРО-ДПМНЕ.

„Кој е Христијан Мицкоски да му каже на народот што треба да прави? Да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски пиар-советници, кој ми го дал мене ова право?“, рече Христијан Мицкоски на 3 септември од Кичево.

Сепак, дел од членството, актуелни и поранешни функционери на партијата, не ги следат официјалните партиски насоки. Членови на раководството на партијата јавно повикуваат да се излезе да се гласа на референдумот, а пратеникот Антонио Милошоски активно води кампања за бојкот.

Официјалниот став за референдумот ВМРО-ДПМНЕ досега повеќепати одложуваше да ѝ го соопшти на јавноста, иако е познато дека не се согласува со начинот на кој е формулирано референдумското прашање, како и дека се против на договорот со Грција. Овие ставови лидерот Мицкоски им ги соопштил и на странските дипломати што деновиве беа во посета на Македонија во знак на поддршка за референдумот. Мицкоски лично и на германската канцеларка Меркел ѝ кажал дека добиле навигација од средбите со граѓаните и конечената одлука за референдумот ќе ја соопштат неделава.