ВМРО-ДПМНЕ побара од ДКСК да истражи дали функционери на СДСМ и нивните семејства инкасираат стотици илјади евра преку државни тендери.
Од партијата обвинуваат дека додека Дарко Каевски директорувал и ја извршува функцијата пратеник, фирмата на неговиот татко Гео Каевски земала милионски тендери.
– Само во период од три години, односно 2018, 2019 и 2020 ГЕО КАЕВСКИ од тендери инкасирала над 18 милиони денари, односно 300 илјади евра. Во исто време според податоците од имотниот лист на Каевски гледаме дека тој се стекнал со стан во Скопје и дел од куќа. Податоците се јавно објавени на страната на ДКСК, а документот го прикачуваме во прилог. Дали функционерите на СДСМ лапаат државни пари преку фирмите на нивните родители и блиски роднини? И додека народот по цел живот се мачи да обезбеди сопствен дом функционерите на СДСМ и нивните фамилии вртат стотици илјади евра преку државни тендери. Одговорност мора да има. Ја повикуваме ДКСК да ги испита случаите со стекнување на имот на Каевски и земањето тендери на фирмата на неговиот татко, посочија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.