Сашо Донев, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид денеска на прес-конференција упати повик до новоизбраниот градоначалник Константин Георгиески и институциите, во најбрз можен рок да реагираат и да се спречи незаконската градба и лошата пракса за градење во Охрид која, како што рече Донев, ја воспоставиле СДСМ со своите советници.
-Константин и СДСМ започнаа со сервисирање на фактурите за изборниот инжинеринг, а за жал граѓаните и градот Охрид се тие кои ќе губат. Првата фактура која што СДСМ и Константин ја сервисираат е премолчувањето и одобрувањето на незаконската изградба на минарето во чаршијата во строгиот центар на градот. Дали Константин и неговиот ментор Зоран Заев ќе го одржат дадениот збор од предизборието и ќе ги повикаат институциите да реагираат во врска со незаконската изградба на минарето? Секако дека не. Ниту Зоран Заев кој замина на неколкудневен одмор, ниту Константин ги нема да реагираат и да ги повикаат институциите, затоа што незаконската изградба на минарето во строгиот центар е дел од ненародниот договор кој го склучија Зоран Заев и Константин, а за возврат Константин да стане градоначалник на Охрид. – рече Донев.
Од опозицијата додаваат дека новиот градоначалник без разлика на притисоците, уцените и изборниот инжинеринг кој го извршиле на денот на гласање, веднаш треба да ја прекине незаконската изградба на градбата.
– Го повикуваме Константин, а ги повикуваме и институциите, во најбрз можен рок да реагираат и да се спречи незаконската градба и лошата пракса за градење во Охрид која ја воспостави СДСМ со своите советници. Секој оној кој ќе се одважи да спречи изградба на ваков нелегален објект ќе ја има нашата поддршка во тоа. Се останато, ќе биде дефокус од граѓаните и зелено светло за урбаната мафија и дивеењето на незаконското градење во општина Охрид. – додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.