Македонските политичари веќе упатија честитки до новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, веднаш по објавувањето на победата.
Претседателот Стево Пендаровски ја честиташе победата на Џо Бајден за претседател на САД, како и на потпреседателката Камала Харис.
–Честитки за Џо Бајден и Камала Харис за изборната победа! Очекувам македонско-американското стратешко партнерство да продолжи, а САД да ја реафирмира својата глобална улога во зачувувањето на заедничките вредности: мирот, безбедноста и демократијата, напиша Пендаровски на својот Фејсбук профил.
И премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи упати честитки за американски Бајден и за Харис.
–Сигурен сум дека ќе продолжиме да ги развиваме одличните односи кои ги имаме со САД и да го продлабочуваме нашето сојузништво во НАТО, но и на сите полиња. Иднината пред нас е светла!, порача Заев.
Честитка упати и ВМРО-ДПМНЕ:
–Посакуваме многу успеси, плодна работа и истрајност во борбата против глобалните предизвици. Се надеваме дека политиките на меѓународно поле ќе донесат мир и стабилност и ќе го обезбедат толку посакуваниот просперитет на секаде во Светот, но и во нашиот регион. Светот минува низ тежок период, можеби најтежок по Втората светска војна, затоа потребни се одлучност, крупни чекори и промени. Секој поединечно може да направи добри работи, но сите заедно и обединети во нашите заеднички цели можеме да постигнеме големи дела, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.