После прес-конференцијата на министерот за надворешни работи Никола Димитров во која се дообјаснија некои работи во врска со престојниот референдум, со реакција се јави опозициската ВМРО ДПМНЕ која што истакна дека Димитров ја манипулира јавноста со амандманите за кои рече дека не се напишани ниту преговарани.
„Никола Димитров лаже и се губи во контрадикциите. Очигледна е намерата на потписниците на капитулантскиот договор да ги сокријат од граѓаните прифатените клучни измени кон обезличување на македонскиот народ и Република Македонија.
Димитров потврдува дека на македонскиот народ не му се гарантира идентитет туку државјанство, што е сосема спротивно од зачувувањето на идентитетот.
Тоа што е најважно е дека Никола Димитров, потписникот на капитулантскиот договор од Преспа, се обиде да ја изманипулира јавноста дека амандманите со кои треба да се интервенира во Уставот на Република Македонија, ниту се напишани ниту се преговарани. Тоа воопшто не е точно.
Прво затоа што Зоран Заев посочи дека ќе се менуваат амандмани и таа промена ќе била НЕПРИЈАТНА, и со тоа ако се каже пред Референдумот ќе влијаело на резултатот!
Втор показател дека власта ги крие амандманите е одговорот на Димитров дека ќе се интервенира во четири амандмани, иако Заев посочи на Преамбулата и два члена на Уставот.
Димитров има обврска да каже што ќе се менува и брише во Преамбулата, што ќе се менува и брише во членот на Уставот кој се однесува на непроменливоста на границата и немањето територијални претензии, и секако, каква ќе биде промената и што ќе се избрише во членот на Уставот кој се однесува кон грижата за македонското малцинство во соседството?
Оттука, повикуваме уште еднаш, СДСМ и Заев да престанат со криењето од јавноста и да ги објават напишаните и доставените од Грција амандмани кои планираат да ги протуркаат низ институциите и покрај волјата на граѓаните изразена на референдум.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.