Македонија 13. септември 2019. / 14:04

ВМРО-ДПМНЕ: Димитров да каже какви се ефектите од неговите посети во Париз и Берлин

ВМРО-ДПМНЕ: Димитров да каже какви се ефектите од неговите посети во Париз и Берлин

Комисијата за надворешна политика на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бара министерот Никола Димитров јасно да ѝ пренесе на јавноста кои се ефектите од неговите посети на европските престолнини, во очекување на датумот за преговори за ЕУ.

-Во ситуација кога македонската јавност очекува резултат од посетите на Никола Димитров на Париз и Берлин и бара одговор за епилогот на неговите дипломатски турнеи по европските престолнини, на неговиот facebook профил синоќа осамна ребус-порака:

-“Напред и нагоре! Упорно, до крај. Да го добиеме ЕУ “проектот” за чистење и реновирање на куќата. Е тогаш, уште поупорно.”

Наместо искрено обраќање до граѓаните во кое ќе ги пренесе добиените пораки од Франција и Германија, шефот на македонската дипломатија употребува криптирана симболика која може да произведе најразлични толкувања. Последен пат кога збореше за “исправање на куќата”, Димитров се правдаше за срамната, незаконска и политички мотивирана систематизација во Министерството за надворешни работи со која во еден ден беа деградирани триесетина дипломати од кариера. Дали со најавата за “чистење и реновирање” на куќата, сака да порача дека ќе продолжи со реваншизмот, понижувањето и пресметката со професионалците во МНР, меѓу кои има поранешни амбасадори, конзули и дипломати со долгогодишно искуство? Кога вели “до крај”, дали со тоа навестува дека нема да се откаже од партиската кадровска политика во ресорот што го раководи и до крај ќе ги спроведува инструкциите од штабот на СДСМ? Можеби со извикот “напред и нагоре”, мисли на вонредните унапредувања на свои блиски соработници и пријатели, надвор од пропишаните процедури, кои преку ноќ се стекнуваат со високи административни и дипломатски звања. Финишот на статусот со “уште поупорно”, ја индицира ли неговата решеност и понатаму бескрупулозно да ја уништува македонската дипломатија, игнорирајќи ги законските норми и воведувајќи тоталитарен систем на управување.

Освен овие одговори, би било корисно, а секако и од интерес на јавноста, Димитров да открие што му пренесоа соговорниците во Берлин и Париз за очајните обиди на власта да ја заташка аферата Рекет. Или барем срамежливо да нафрли каков е ставот на највисоките владини претставници на Германија и Франција за вмешаноста на високи владини функционери во најголемата криминално-корупциска афера досега.

Конечно, оноа “чистење и реновирање на куќата” за кое пишува, да не се однесувало на укажувањата на Франција и Германија дека е неопходно прочистување, реновирање и дератизација за владиниот кабинет на Заев?