Македонија 08. јуни 2018. / 15:27

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Анѓушев

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Анѓушев

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од вицепремиерот за економија, Кочо Анѓушев, од морални причини. Според партијата, крајно време е тој да направи нешто позитивно за Македонија и за граѓаните на Република Македонија.

„Одговорност за економското пропаѓање на државата мора да има. Не смее целиот товар за неспособноста на актуелната власт да го плаќаат граѓаните. Колку порано си замине Кочо Анѓушев, толку е помала цената што ќе ја платат граѓаните. Македонија, за жал, е на дното во Европа по растот на БДП. Извештајот на Заводот за статистика е поразителен за целата држава и покажува со какво темпо неспособната Влада на Зоран Заев ја влече државата кон економски колапс“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, БДП во првиот квартал од 2018 година стагнирал, односно забележал раст од минимални 0,1 отсто, што е жално. „Тоа е истиот оној квартал за кој нè лажеа Заев и Кочо Анѓушев дека влегле стотици милиони нови странски инвестиции и економијата цветала. Тоа е истиот оној квартал кога СДСМ ја задолжи целата држава и сите граѓани со нови 300 милиони нето-долг“, рече Арсовски.