Секогаш кога Филипче се фали дека пикот поминал, имаме нов црн рекорд како последниот од 41 починат, или што би рекол народот „аман не се фали доста е“, реагираат во утинското соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму обвинуваат дека поради поразителните бројки во изминатото деноноќие од 1.022 заразени и 41 починат Филипче и министерството за здравство шверцерски и доцна во ноќта ги објавуваат бројките на заболени и на мртви од корона вирусот.
-Лагите нa премиерот на заминување Заев и Филипче дека се е под контрола доведоа до 1.699 прерано згаснати животи. 1.699 изгубени животи заради неодговорното однесување на Заев и Филипче кое ги остави без соодветна и навремена болничка грижа. Граѓаните со висока температура, пневмонија и омалаксани очајно чекаат пред ковид-центрите на минусни температури да бидат примени додека Филипче води пропаганда, стои во соопштението.
Дека Филипче нема поим како да се справи со ковид-19 кризата, додаваат од партијата, говори и фактот дека само 15% од населението е тестирано додека во другите држави тестирањето достигнува до 60%. Македонија бележи рекорди по број на починати во споредба со другите европски држави.
-И додека Филипче вели дека епидемијата се смирува рекорден број на 41 лице синоќа го загубија животот како резултат на неспособноста на министерот за здравство. Со Филипче на чело црните рекорди стануваат секојдневие. Филипче мора да престане да лаже дека се е под контрола и да си даде оставка, се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата бараат, како што велат, поради сите жртви и промашени политики, Филипче да си поднесе оставка веднаш.