Не постои договор за јавно приватно партнерство меѓу Министерството за здравство и специјалната болница за кардиохирургија „Филип Втори“ иако здравствените власти проектот спектакуларно на прес конференција го најавија во Влада во декември минатата година, дознава НОВА од добро упатени извори.
На прашање на НОВА дали постои договор за јавно приватно партнерство и барање истиот да го добијат на увид, од Министерството за здравство со одговор дека „ФЗОМ има склучено годишен договор за операции на деца до една година“ со што перфидно го одбегнаа одговорот и ја префрлија топката на Фондот. Но, договорот што ФЗОМ го има склучено за операции со „Филип Втори“, како и со другите здравствени установи, не е договор за јавно приватно партнерство. Токму во тој контекст е и одговорот од ФЗОМ.
– Согласно Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување, Фондот има обврска да склучи само договор за пружање на здравствени услуги од дејноста за кардиоваскуларна хирургија со ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев врз основа на добиена дозвола за работа во мрежата на здравствени установи, издадена од Министерството за здравство. – потврдија од ФЗОМ, за НОВА.
Со ова се потврдува дека министерот Венко Филипче, кога минатата година во есента најави можно јавно приватно партнерство со болницата на Жан Митрев, излажа.
– Станува збор за јавно-приватно партнерство со целосно преземање на сите вработени во тимот за детска кардиохирургија. Идејата е да се обезбедат подобри услови, оти сега работат на Клиника за детска хирургија. Многу често се пополнуваат капацитетите, а детската кардиохирургија бара целосно користење на салите. Размислувавме да ги префрлиме на Кардиохирургија за возрасни, но тоа бара дополнителни инвестиции и дополнителна опрема. Таа инфраструктура постои во приватните болници и сега се разгледува можноста дали може да развиваме таков проект на приватно-јавно партнерство. – рече Филипче минатата година.
Со ова, и со последните случувања во болницата на Жан Митрев од каде отказ си даде др. Владимир Чадиковски пропадна првиот обид на министерот за здравство Венко Филипче за јавно приватно партнерство кое го најавува во скоро сите сфери од здравството.
Нерпеливоста меѓу Жан Митрев и Чадиковски кои се надзираа уште пред повеќе од два месеца екслираа деновиве кога Чадиковски најави заминување кое ќе го аминува со отказ во четврток.
Откако букна скандалот, денеска министерот Филипче изјави дека децата и натаму ќе се оперираат кај Жан Митрев на сметка на Фондот без оглед дали заминува тимот предводен од др. Чадиковски, кој од Детска хирургија пред неколку месеци направи трансфер во таа Клиника.
Нејасно е како ќе се оперираат деца до една година таму, кога нема носител на дејност, односно Чадиковски е единствениот лиценциран детски кардиохирург во државата. Ваквата одлука на Филипче се коси со законската регулатива.
– Докторите никогаш самостојно не изведувале операции таму. Експерти и доктори од Република Србија, во директна соработка со македонските доктори ги едуцираат на овозможување соодветен здравствен третман на сите пациенти, вклучително и на децата до една година. Сите пациенти кои имаат потреба и понатаму ќе ја добиваат неопходната и квалитетна здравствена заштита во оваа Клиника. – се вели во одговорот за НОВА од Министерството за здравство.
Но, она што е несфатливо е што, Филипче за МИА изјавил дека тимот на Чадиковски си заминале на своја рака од државно во приватно здравство.
Кога го најавуваше овој проект заедно со директорот на ФЗОМ, Ден Дончев во Влада, Филипче не кажа дека Чадиковски заминува на „своја рака“ од државно во приватно туку најави дека планираат јавно приватно партнерство, а овој центар да стане регионален.
– Очекуваме овој центар да стане регионален, без конкуренција во целиот регион. Очекуваме дека овој модел ќе го преземат и околните земји, бидејќи со одлив на здравствен кадар се соочуваат и Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Косово. – рече Филипче.
На јавноста и е познато дека идејата за ваков трансфер доаѓа од власта, а не од Чадиковски кој, како што и самиот потврди бил повикан на разговор за да му се образложи планот за преминување во приватната болница на Жан Митрев. Претходно, беше планирано изградба на државна детска кардиохирургија, но моделот на јавно приватно партнерство за Филипче и Дончев беше поисплатлив.
НОВА дознава дека веднаш откако тимот преминал кај Митрев, буџетот на болницата бил драстично зголемен, односно биле зголемени центите на услугите за операции кај деца. Од ФЗОМ не дадоа конкретни податци дали и колку се зголемени цените на услугите, туку само колку чини една операција на срце.
– Од 01.02.2019 година, откако тимот за детска кардиохирургија се префрли од ЈЗУ Детска хирургија во ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев, од Фондот се наменети за детска кардиоваскуларна хирургија и интервентна кардиологија кај деца до 18 години, 65.000.000 денари, но тие средства се исплаќаат по извршена и фактурирана здравствена услуга. Согласно Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување, Фондот има обврска да обезбедува здравствени услуги од здравствената установа се додека истата има важечка дозвола за работа во мрежата на здравствени установи издадена од Министерството за здравство. – велат за НОВА од ФЗОМ.
Чадиковски за НОВА потврди дека досега направиле 8 до 10 операции од причини што многу небулози се случувале во болницата поврзани со извршувањето на операциите и работата таму. Тој вели дека проблемот е коплексен и дека неговата одлука за аминување е конечна.
– Депониран ми е отказот, во четврок кога ќе се вратам од одмор ќе го поднесам. Точно е дека направивме 8 до 10 операции кај бебиња. – рече Чадиковски.
Од ФЗОМ пак, излегоа со бројка од 55 деца до 18 години кои биле третирани болнички од февруари до сега иако прашањето беше за патологија која ја покривал тимот на Чадиковски кај деца до една година.
Нема одговор колку државата ја чини овој трансфер и неуспешен обид за јавно приватно партнерство.
Како што е познато, од детска кардиохирургија при Клиниката за детска хирургија си замина тим од 11 вработени кој сега заедно со Чадиковски преговара за премин во друга приватна болница. Филипче и Дончев на јавноста и должат одговори колку чини целиот проект вклучувајќи ги и платите на тимот на Чадиковски, заедно со буџетот кардихирургија на Жан Митрев. И секако, како планираат да го продолжат договорот без лиценциран детски кардиохирург бидејќи на ваков начин и со ваква политика( со која патем веќе не се праќаат деца во странство), граѓаните ја губат довербата и стравуваат за здравјето на своите најмили.